X
 18.01.2024 Живот

Љупка Вртева од Струмица e прогласена за инженерка на годината во Словенија

Љупка Вртева од Струмица e прогласена за инженерка на годината во Словенија, титула која има цел да ги инспирира младите жени да студираат во области како наука, технологија, инженерство и математика, пренесе „Словенија тајмс“.

Вртева е раководител на проект за развој на соларна централа во енергетската компанија „Петрол“. Таа е магистер по машинско инженерство и е развоен инженер од областа на греење, вентилација и ладење на згради.

Љупка пораснала во фамилија на музичари и економисти и сакала да биде поразлична - како дете била многу креативна, но сакала нејзината имагинација да ја претвори во нешто видливо. Вели дека токму имагинацијата ја водела и по завршувањето средно образование во Македонија, Вртева се преселила во Словенија и единствената желба ѝ била да стане инженер.



Додипломските и магистерските студии ги завршила на Машинскиот факултет во Љубљана и во 2019 година ја завршила меѓународната едукативна програма „EUREM Energy Manager“ на Институтот „Јожеф Стефан“.

Вртева најпрвин развила компјутерска програма за механичка вентилација на згради, а сега дизајнира нови ефикасни енергетски системи.

Жирито што ја додели наградата посочи дека и покрај многуте пречки, вклучувајќи ја и јазичната бариера, нејзината одлука да стане инженер била вистинската, а таа има енергија и желба да ги охрабри младите жени кога донесуваат одлуки за нивниот пат во кариерата.

За титулата одлучувала жири-комисија од 92 члена - претходно номинирани, претставници од медиумите, професори и студенти вклучени во проектот „Ќе бидеме жени и мажи инженери“, како и организаторите.

Извор: sloveniatimes

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот