X
 11.08.2021 Наука

НАСА бара волонтери кои ќе живеат во база за симулација на животот на Марс

Доколку сакате да видите како би изгледал животот на Марс, ова е вашата шанса. Американската вселенска агенција НАСА бара волонтери кои ќе живеат во база која ќе има слични услови како очекуваните услови за живот на Марс. Волонтерите ќе живеат на симулиран дом во вселенскиот центар „Џонсон“ во Хјустон, Тексас во период од една година.

Мисијата започнува следната есен, а пријавувањето трае шест недели.

Повеќе земји работат на мисии за создавање услови за живот на други планети, како Марс. Досега биле испратени повеќе ровери на оваа планета, а НАСА планира да испрати луѓе на Марс до 2030 година.


Фото: NASA

Во меѓувреме, НАСА направила симулација на дом кој би бил изграден на Марс со помош на 3Д-печатач за да го одреди влијанието на потенцијална мисија до Марс на астронаутите. Ќе се изберат 4 лица кои ќе живеат во простор од околу 160 квадратни метри. Во просторот има место за работа, здравствена станица, простор за рекреација и место за производство на храна.

Волонтерите ќе бидат одбрани со истите критериуми кои НАСА ги користи за селекција на своите астронаути. Се бараат американски државјани на возраст од 30 до 55 години кои имаат магистерска диплома во областа на инженерството, математиката или друга научна дисциплина, како и искуство со управување на авион.

НАСА ќе спроведе три вакви симулации во текот на следните години.

Извор: Interesting Engineering
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука