Меѓу различните видови сместувања што можете да ги најдете на „Букинг“, еден од поинтересните хотели се наоѓа на Ибица. Ексцентричниот хотел „Парадисо Ибиза арт“ е омаж на лежерниот кич на Мајами од 70-тите години. Пастелни бои, неонско осветлување, ресторан со хамбургери и милкшејкови, хотелот изгледа како да не е од ова време.
Наутро појадокот се служи покрај базенот, а навечер се прикажуваат филмови во кои гостите можат да уживаат на лежалките. Хотелот располага и со уметничка галерија и салон за тетовирање за оние што сакаат на посебен начин да се сеќаваат на својот одмор.
Сепак, апартманот што најмногу го привлекува вниманието е „Зиро“, каде што гостите можат да спијат една ноќ бесплатно. Но, постои услов: ѕидовите се направени од стакло, така што тие што престојуваат во собата се изложени на погледи.
Бањата е приватна, но остатокот од просторот е дизајниран како уметнички експеримент во лобито на хотелот. Овој апартман е достапен и за различни настани, и уметнички и музички, како и за различни изведби.
Фотографии: Booking.com