Бојана Захариева од Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, Димитрија Симјаноски од Градежниот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје и Егзона Муртезани од Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје се тројца исклучителни студенти кои годинава го добија признанието „Инженерски прстен“. Тие ни раскажаа што им значи ова признание и испратија пораки до другите студенти.
Бојана Захариева: „Силниот мотив и напорната работа го пробиваат патот до остварување на сонот“
Го добивте признанието „Инженерски прстен“, горди ли сте на Вашиот успех и на тоа што некој го препозна и го потврди Вашиот инженерски потенцијал?
- За мене, студирањето беше патоказ кон еден процес на интелектуален и професионален развој. Професијата за која се определив помогна да се дефинирам како личност. Ова драгоцено признание претставува важен белег во мојата досегашна професионална биографија кое ги отсликува целокупниот труд и љубов вложени во текот на студиите.
Кои се Вашите планови во науката и/или во професијата?
- Како носител на наградата „Инженерски прстен“, гледам поширок хоризонт отворен кон технолошки развој во доменот на дизајнот и технологиите на мебел и ентериер. Во инженерската иднина очекувам многу ново знаење, нови цели и нови победи.
Што би им кажале на младите инженери од Вашата област?
- Ги охрабрувам помладите колеги самоуверено да нурнат во креативниот свет на дизајнот каде што истовремено ќе уживаат во процесот на осмислување реални проекти. Додека поискусните колеги дизајнери ги повикувам на почит кон младите колеги и заедничка обединетост пред предизвиците, бидејќи само така здружени може да постигнеме поголеми успеси во нашата професија. Лавиринтот до достигнување на крајната цел може да биде непредвидлив, но силниот мотив и напорната работа го пробиваат патот до остварување на својот сон.
Димитрија Симјаноски: „Важно е да верувате во себе дека сте најдобри“
Го добивте признанието „Инженерски прстен“, горди ли сте на Вашиот успех и на тоа што некој го препозна и го потврди Вашиот инженерски потенцијал?
- Прво би сакал да се заблагодарам на КОАИ и на Инженерската институција на Македонија за наградата. Се радувам што постои ваква награда и сметам дека претставува огромна мотивација за секој студент да го даде својот максимум. Секако, ми претставува чест што сум добитник на оваа награда за 2024 година и ова претставува некакво иницијално потврдување на потенцијалот што го носи секој од нас. Но, сепак, треба да посветиме уште време и работа и да се надградиме во соодветната област за да придонесеме за ова општество и тогаш навистина ќе го потврдиме нашиот потенцијал.
Кои се Вашите планови во науката и/или во професијата?
- Моите планови се продолжување на студиите и на трет циклус на една од катедрите за хидротехника на Градежниот факултет при УКИМ. Но, сметам дека треба одреден временски период да се работи на практични проблеми од градежништвото на професионален план, да се стекне искуство и тоа искуство да се поткрепи со теоретско знаење што може да го придобиеме од третиот циклус на студии. Ако се отворат можности за студирање во странство, секако ќе се земе и таа опција предвид и целото внимание ќе се насочи во тој правец.
Што би им кажале на младите инженери од Вашата област?
- Најбитно од сè е да веруваат во себе и да се убедат дека се најдобри во тоа што го прават и тоа да го кажуваат секој ден. Така го тренираат мозокот и на крај ќе видат дека резултатот ќе биде позитивен, односно трудот ќе вроди со плод. Треба да веруваат со секоја клетка од телото. Едноставно е со зборови, но малку потешко е на дела сѐ додека не се стекне навика. Кога вака ќе се постават работите, желбата, мотивацијата и тешките моменти како последица на работата и учењето, можат лесно да се управуваат.
Егзона Муртезани: „Прстенот е чест и напомена за одговорноста да се биде инженер“
Го добивте признанието „Инженерски прстен“, горди ли сте на Вашиот успех и на тоа што некоj го препозна и го потврди Вашиот инженерски потенциіал?
- Искрено се гордеам што го добив „Инженерскиот прстен“ како студент на Факултетот за земјоделски науки и храна. Тој ги симболизира моите академски успеси, посветеноста и напорот што ги вложив во моето студентско патување. Ова признание го потврдува мојот инженерски потенцијал и ме мотивира да продолжам да се стремам кон одличностa во oвaa област. Благодарна сум им на професорите чие водство беше од суштинско значење и сe надевам дека ќе ги инспирирам моите колеги студенти да ги следат своите соништа со страст и упорност, знаејќи дека секој предизвик нѐ носи поблиску до нашите цели. Овој прстен не е само чест, туку и напомена за одговорноста да се биде инженер од ФЗНХ.
Кои се Вашите планови во науката и/или во професијата?
- Моите планови во науката и професијата се ориентирани кон тоа да донесам нешто ново во областа на агрономијата и да помогнам во развојот како инженер. Како агроном, моја цел е да работам на истражување и иновации што ќе придoнeсуваат за подобрување на селското стопанство, одржливото користење на земјоделските ресурси и заштитата на животната средина. Паралелно со тоа, како инженер, се стремам да ги користам моите знаења и вештини за решавање на предизвиците во агрономското инженерство. Сакам да работам на проекти што ќе ги подобрат агрономските процеси. Исто така, моја цел е да го водам мојот професионален развој преку континуирано учење и размена на знаења со колегите и стручната заедница. Преку мојата работа и ангажман, се надевам дека ќе оставам нешто значително во областа и дека ќе влијаaм за позитивни промени во општеството и животната средина.
Што би им кажале на младите инженери од Вашата област?
- За мене, образованието беше и останува мојата првична предност и секој момент за учење ми беше можност за развој и раст. Затоа на идните инженери им порачувам да останат фокусирани на учењето, да бидат креативни и љубопитни и секогаш со отворени видици! Дека со преданост кон учењето и со постојаност во креативноста, заедно можеме да создадеме подобра и посветена иднина за сите.