Михаела Златеска од Машинскиот факултет при УКИМ, Руфија Идризовска од Природно-математичкиот факултет при УКИМ и Теодора Силјаноска од Факултетот за информатички и компјутерски технологии – Битола при УКЛО годинава го добија признанието „Инженерски прстен“. Тие ни раскажаа што им значи ова признание и испратија пораки до другите студенти.
Михаела Златеска: Три суштински компоненти за голем успех во машинството се труд, посветеност и пасија
Го добивте признанието „Инженерски прстен“ – горди ли сте на Вашиот успех и на тоа што некој го препозна и го потврди Вашиот инженерски потенцијал?
- Огромна чест и задоволство е да се заокружат додипломските студии на Машинскиот факултет со високо академско признание, односно „Инженерскиот прстен“. Би била скромна доколку не кажам дека сум горда на мојот успех бидејќи ова признание не е само награда за високата бројка постигната во четиригодишното студирање, туку е потврда за целокупниот труд, посветеност и љубов кон инженерството. Oваа потврда за мојот инженерски потенцијал, како млад човек, особено ме мотивира да се стремам кон уште поголеми чекори на академско и на професионално ниво.
Кои се Вашите планови во науката и/или во професијата?
- Во текот на моите додипломски и магистерски студии работев на многу интернационални проекти каде што имав можност да се соочам со реални предизвици од индустријата и успешно ги надминував, комбинирајќи го моето стекнато теоретско знаење со практично познавање. Ова воедно и го претставува мојот стремеж, каде што паралелно би напредувала и на академски и на професионален план. Затоа, во иднина би се запишала и на трет циклус студии, а дотогаш би се усовршувала на професионално ниво во Македонија, каде што би можела да придонесам многу во областа на инженерството.
Што би им кажале на младите инженери од Вашата област?
- Младите инженери би ги советувала дека трите суштински компоненти за голем успех во областа на машинството се: труд, посветеност и пасија. Кога ќе се избалансираат овие елементи, високите резултатите се неминовни.
Руфија Идризовска: Државата, преку прстенот, го препознава успехот на најуспешните млади инженери
Го добивте признанието „Инженерски прстен“ – горди ли сте на Вашиот успех и на тоа што некој го препозна и го потврди Вашиот инженерски потенцијал?
- „Инженерскиот прстен“ е награда за нас, студентите, кои успешно дипломиравме и се стекнавме со звање инженер. Оваа награда претставува гордост за мене, за факултетот и за сите студенти/инженери кои своите млади години ги посветиле на образованието. Наградата која ја добивме сите дипломирани инженери на свечена церемонија во Охрид претставува еден чекор од страна на Инженерската институција и на нашата родна земја со кој се препознава успехот на сите нас и потврдува дека вреди да вложуваме во образованието и во она што сакаме да го учиме и постигнеме. Ова признание не е само моја гордост, туку е и гордост на државата која произвела квалитетни инженери и може да се пофали со нас, најмладите во својата област.
Кои се Вашите планови во науката и/или во професијата?
Плановите во врска со иднината се поврзани токму со науката. Како млад инженер и истражувач од областа на хемијата, имам цел да ја збогатам науката со нови информации, да го зголемам фондот на знаење и разбирање од природните науки од аспект на хемијата и биохемијата. Сметам дека секој човек е побогат доколку има поголемо знаење. Така, моите планови се да станам побогата и да овозможам и другите граѓани и страсни истражувачи да се здобијат со поголемо знаење.
Што би им кажале на младите инженери од вашата област?
- На младите и идни инженери од мојата област би им препорачала никогаш, без разлика на сѐ, да не се откажуваат од својата цел. Само така секој од нас ќе стане најдобрата верзија од себеси и ќе ја гради својата иднина како што некогаш сонувал. Нека овој настан биде мотивација за сите студенти – идни инженери да дадат максимум од себе, вложувајќи во своето образование, стекнувајќи се со нови знаења и вештини. Нека овој настан биде врвот од скалилата по кои се искачуваат младите, идни инженери.
Теодора Силјаноска: Знаењето е најважната валута со која го градиш и сопствениот карактер
Го добивте признанието „Инженерски прстен“ – горди ли сте на Вашиот успех и на тоа што некој го препозна и го потврди Вашиот инженерски потенцијал?
- Секоја личност има своја и единствена патека на животот полна со предизвици и неизвесности со кои мора да се соочи, но и со убави моменти кои се паметат цел живот. За тоа како ја засакав науката, можеби најзначајна улога во градењето на мојот животен пат имаа моите родители, кои секогаш ме учеа дека знаењето е најважната валута со која не само што се градат односи со другите, туку и го градиш сопствениот карактер. Во светот каде што често пати се става акцент на успехот, важно е да се препознае и вреднува процесот на учење, кој доаѓа со низа предизвици, а некогаш и неуспеси. Но, најголемата препрека за еден човек да стигне до неговиот успех е стравот, а успешните луѓе се фокусираат на акција и така доаѓаат до резултати. Само луѓето кои ризикуваат и ја напуштаат својата комфорна зона може да го креираат својот живот според свои правила. Мојата природа - во сѐ да барам шанси и предизвици - ме стави на патот на успехот и се надевам дека вербата во себе и пожртвуваноста ќе ме носат уште долго по тој пат. Со љубов и труд кон науката, посебно кон информатиката, реализирав едно поглавје од својот живот на кое сум исклучително горда затоа што во денешниот свет, вистинските лидери не чекаат шансите сами да им дојдат, туку тие сами креираат шанси и можности. Особено сум горда и почестена што некој го препозна мојот инженерски потенцијал од областа на информатиката - наука која рапидно расте и се развива и ми претставува мотив да продолжам да ја истражувам оваа област, секако, трудејќи се тоа да го направам најдобро што можам. Затоа што човек е среќен и најдобар кога ја работи професијата која ја сака. Но, единствениот начин да уживате во нешто е кога тоа е заслужено!
Кои се Вашите планови во науката и/или во професијата?
- Рузвелт рекол: „Најдобра награда во животот на еден човек е да му се укажат шанси напорно да го работи она што е вредно да се работи“. Секако, моето образование и професионална надградба не завршуваат тука – во моментов сум во завршна фаза на моите магистерски студии на Факултетот за информатички и комуникациски технологии при УКЛО - Битола и истовремено на Факултетот за економија и организација на претприемништво при МСУ – Свети Николе и планирам моето образование да го продолжам и на трет циклус студии. Во однос на мојата професионална кариера, имајќи го предвид фактот дека информатиката и новите технологии се нешто што исклучително брзо се развива и менува, моја цел е да го следам во чекор ваквиот прогрес, постојано надградувајќи се со нови знаења и вештини.
Што би им кажале на младите инженери од Вашата област?
- Ако секој млад човек се води од изреката на Исак Асимов: „Образованието не е нешто што може да се заврши“, тогаш патот до успехот е сигурен, само доколку сме истрајни и го даваме најдоброто од себе во процесот на остварување на сопствените цели. Информатиката ја има во секој сегмент од нашето живеење, но воедно е и наука која ја менува иднината. Да се биде информатичар е привилегија, но и предизвик кој го следи развојот на технологијата. Изберете ја информатиката и секогаш ќе бидете чекор пред другите!