Елена Стефаноска од Техничкиот факултет – Битола при УКЛО, Марија Митевска од Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ и Матеа Ташковска од Факултет за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) при УКИМ годинава се најдоа на листата со добитници на престижното признание „Инженерски прстен“. Овие исклучителни студенти споделија со нас како се чувствуваат по добивањето на признанието, но и кои се нивните планови за во иднина.
Елена Стефаноска: „Инженерскиот прстен“ претставува вреднување на резултатите
Го добивте признанието „Инженерски прстен“ – горди ли сте на Вашиот успех и на тоа што некој го препозна и потврди Вашиот инженерски потенцијал?
- Признанието „Инженерски прстен“ претставува награда за досегашниот вложен труд, постигнат успех, одговорност и целосна посветеност во текот на студирањето и е значајно достигнување за мене како дипломиран машински инженер. Признанието претставува вреднување на резултатите од моето напредување во текот на додипломските студии и дополнителен поттик за понатамошно исполнително реализирање на нови успеси, надградувања и усовршувања на знаењето во текот на постдипломските студии, како и потврда за успешноста на самиот факултет во изградување квалитетен инженерски кадар. Горда сум на постигнатиот успех, ми претставува чест и благодарна сум што мојот инженерски потенцијал беше препознаен од страна на Техничкиот факултет – Битола и потврден со доделување на признанието „Инженерски прстен“ од страна на Асоцијацијата на здруженија на инженери - Инженерска институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери.
Кои се Вашите планови во науката и/или во професијата?
- По завршувањето на постдипломските студии би се посветила на понатамошно научно и стручно усовршување во избраната област со имплементација на стекнатите знаења и вештини и континуирано надградување со решавање реални проблеми и постигнување позитивни резултати. Признанието „Инженерски прстен“ нуди различни перспективи за понатамошен професионален развој, можности за дејствување во областа на инженерството и е двигател на патот кон продлабочување во областите на проучување и реализирање на поставените цели.
Што би им кажале на младите инженери од Вашата област?
- Сегашните студенти и идни дипломирани инженери од областа на енергетското машинство би ги советувала со голема одговорност да пристапат кон постојано надополнување на знаењето, покажување значителен интерес и посветеност во текот на студирањето, да напредуваат во секој сегмент од оваа област и да се изградат како квалитетни инженери кои во иднина, со примена на стекнатите знаења, би имале придонес кон одржливо управување со енергетските ресурси. Доделувањето на признанието „Инженерски прстен“ треба да претставува дополнителна мотивација за идните инженери за нивна целосна ангажираност во студиите, со што би бил препознаен нивниот потенцијал, вреднуван вложениот труд и наградувани постигнатите резултати.
Марија Митевска: Технологијата и науката постојано се развиваат
Го добивте признанието „Инженерски прстен“ – горди ли сте на Вашиот успех и на тоа што некој го препозна и потврди Вашиот инженерски потенцијал?
- Се разбира дека сум горда на мојот успех и на добиеното признание затоа што претставува потврда за целокупниот труд и напор што го вложив во моето високо образование. Ова признание ме мотивира да продолжам да се развивам во областа на науката и инженерството за поголеми достигнувања во иднина и надградување на мојот инженерски потенцијал.
Кои се Вашите планови во науката и/или во професијата?
- Моите понатамошни планови се насочени кон континуирано учење и истражување за да постигнам нови откритија и иновации во мојата професија. Амбиција ми е да работам на проекти кои би имале практична примена за подобрување на квалитетот на животот, бидејќи сметам дека комбинацијата на теоретското знаење и практичното искуство е клучот за успех во инженерската професија.
Што би им кажале на младите инженери од Вашата област?
- На идните инженери би им порачала да бидат посветени и упорни во своите цели затоа што вложениот труд носи успех. Никогаш да не престанат да учат и да се надградуваат бидејќи технологијата и науката постојано се развиваат. Да веруваат во себе и во своите способности и секогаш да се стремат кон подобро.
Матеа Ташковска: Секогаш целете високо, бидете храбри и не дозволувајте вашата љубопитност да згасне
Го добивте признанието „Инженерски прстен“ – горди ли сте на Вашиот успех и на тоа што некој го препозна и потврди Вашиот инженерски потенцијал?
- „Инженерскиот прстен“ претставува потврда за мојот досегашен вложен труд во студирањето и науката, но и мотив за уште поголеми понатамошни достигнувања. Ова признание ја поттикнува мојата самомотивација и игра значајна улога во подобрување на сопствената самодоверба и потсетување за сопствените достигнувања. Понатаму, особено ми е драго што преку ова признание успеав да се приклучам на Клубот на носители на „Инженерскиот прстен“, со што доаѓа и можноста да соработувам со најуспешните колеги од другите технички факултети.
Кои се Вашите планови во науката и/или во професијата?
- Во последната година од моето студирање на ФЕИТ активно учествував на реални проекти во и надвор од државата, каде што практично го применив она што го имав научено. Добиените искуства беа клучни за мојата определба за усовршување во областа на вештачката интелигенција и машинското учење и ме инспирираа да го продолжам моето академско надградување преку магистерски студии од истата област. Штотуку ја завршив првата година од магистерските студии на ЕПФЛ во Швајцарија, а размислувам и да се запишам на докторски студии, исто така во странство. Без разлика дали станува збор за најсовремена компанија или истражувачки центар, професионално се замислувам во улога каде што може да ги спојам истражувањето и потребите на индустријата. Мојот примарен интерес лежи во потенцијалот на вештачката интелигенција во биомедицината. Дијагностицирањето болести и развојот на приспособено лекување се само дел од решенијата што ги нуди вештачката интелигенција, која веќе ја револуционизира ефективноста и ефикасноста на здравствените системи.
Што би им кажале на младите инженери од Вашата област?
- Најпрво, на младите инженери би им порачала никогаш да не престанат да се надградуваат. Би сакала да ги охрабрам да ги прифатат промените и предизвиците со кои се соочуваат, да бидат иноватори, лидери и креатори на подобро утре, за заедно да изградиме иднина со која сите ќе се гордееме. Секогаш целете високо, бидете храбри и не дозволувајте вашата љубопитност да згасне.