Група врвни компании во Јапонија, каде што речиси секое чоколадо, банана или чај е во амбалажа, се обидуваат да најдат начин да ја намалат количината на пластика што луѓето ја фрлаат во морето.
Јапонија е втор по големина производител на
пластичен отпад по глава на жител и една од двете земји на „Групата седум“ што не ја потпишаа повелбата за значително намалување на пластиката за една употреба до 2040 година. Но, притисокот од инвеститорите и јавноста да се обелодени употребата на пластиката, поставувањето цели за намалување и префрлувањето средства за рециклирање ги притискаат јапонските компании да се реформираат.
Јапонскиот сојуз за чистење на океаните или „Клома“, основан минатата година, постави цел за 100 отсто рециклирање на пластични контејнери и амбалажи до 2050 година. Нејзините 361 член се од зелени стартапи и корпорации како „Севен & холдингс“, „Шисеидо Ко.“ и „Ајтач корп“.
- Кога го замислував сојузот, забележав дека некои компании веќе работат на свои проекти за животна средина, социјално и корпоративно управување, но сепак им беше потребна платформа за соработка за проширување на обемот на овие проекти. Одржавме неколку семинари за компаниите-членки, што доведе до создавање на шест вистински деловни активности. Еден водечки пример е „Канека корп“, кој создава сламки што се разложуваат во океаните и сега се достапни со услуга за кафе за носење - вели Мичитака Савада, претседател на „Клома“.
Фото: Freepik
„Клома“ е поддржана од министерството за економија, трговија и индустрија. Како што вели Мичитака, една компанија нема доволно влијание да ги придвижи политиките на земјата, но „Клома“ може. Доколку се промени политиката како резултат на разговорите со владата, компаниите ќе бидат дополнително мотивирани да бидат вклучени во намалувањето на пластиката.
Се менува и изборот на јапонските потрошувачи. Производите што ѝ штетат на животната средина веќе не се прифатливи за нив. Ерата на цената наспроти квалитетот заврши. Особено младите купувачи внимателно ги разгледуваат дизајните на пакувањата за да видат дали се еколошки, колку е густа пластиката и дали се достапни пакувања за повторно полнење.
„Клома“ се залага и за извезување технологии за рециклирање во земјите во развој. Од производители на материјали, амбалажи, сопственици на брендови, до технологии за рециклирање - сите треба да се извезуваат заедно како еден пакет.
Како што вели Мичитака, пандемијата влијаеше врз зголемувањето на пластичниот отпад. Маски, визири за лице, заштитни средства и пластични кеси за храна за носење сега се во голема побарувачка. Но, зголемувањето е мал дел од 8. милиони годишен пластичен отпад во Јапонија. Со соодветен напор за повторна употреба, намалување и рециклирање, може да се реши зголемената побарувачка за пластика. Намалувањето на амбалажите и пакувањата и користењето алтернативни материјали може да го неутрализираат или да го надминат зголемувањето на отпадот како резултат на пандемијата.