X
 18.09.2026 Живот

Река во која живеат крокодили одобрена за веслање на Олимписките игри

Реката Фицрој во австралискиот Рокхемптон, позната и како живеалиште на крокодили, е одобрена за одржување на натпреварите во веслање и спринт кајак и кану на Олимписките игри во Бризбејн 2032 година.

Одлуката е донесена по независната процена со која е утврдено дека реката може да ги исполни барањата за одржување на олимписките и параолимписките натпревари, а локацијата ја поддржаа меѓународните сојузи „Ворлд роуинг“ и „Падл ворлдвајд“, како и организаторите на Игрите, пишува АФП.

Реката Фицрој се наоѓа во Рокхемптон, околу 600 километри северно од Бризбејн, а изборот на таа локација предизвикуваше контроверзии поради силните речни струи, склоноста кон поплави и можноста различни услови на патеката да влијаат врз рамноправноста на натпреварувачите.

Илјадници луѓе потпишаа петиција со која се бараше преместување на натпреварите во наменски изграден објект поблиску до Бризбејн. Меѓу проблемите на кои се укажуваше беше и недостигот на сместувачки капацитети за спортистите и гледачите.

Претседателот на „Ворлд роуинг“, Жан-Кристоф Ролан, изјави дека обезбедувањето еднакви и праведни услови за спортистите било причината поради која била побарана детална процена на речните токови, нивото на водата, ветерот и другите фактори.

- Врз основа на обемната спроведена анализа сега знаеме дека реката Фицрој може да обезбеди праведни услови за натпреварување за време на Игрите, во согласност со барањата на олимпиското и параолимпиското веслање - изјави Ролан.

Претседателот на „Падл ворлдвајд“, Томас Кониецко, исто така наведе дека техничката анализа дава увереност дека патеката ќе им овозможи праведни услови на натпреварувачите во спринт кајак и кану.

Извор: бука
Фото: magnific

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот