X
 30.03.2020 Живот

Река во Нов Зеланд има статус на личност и може да ве тужи

Течејќи низ срцето на Северниот Остров во Нов Зеланд, реката Вангануи е еден од најважните природни ресурси на оваа земја. Своето патување долго 290 километри реката го почнува во снежниот, северозападен дел на активниот вулкан на планината Тонгариро и се влева во Тасмановото Море.

Почитувана со векови од племињата Вангануи, оваа река стана првата во светот што е признаена како правно лице во 2017 година, со што се затвори еден од најдолгите судски спорови во Нов Зеланд.

Маорите, полинезиски домородци на Нов Зеланд, повеќе од 160 години се бореле легално да ја заштитат реката Вангануи. Речиси 880 години племињата одржувале контакт и длабока врска со оваа река. За нив, оваа река била извор на храна, патувале во неа со кану и граделе села на нејзините брегови.

Маорската култура налага дека треба да се заштити природниот свет, а заедницата е должна да го штити и пејзажот што го наследила. Се смета дека луѓето се поврзани со водата. Нивната традиционална изрека е: Јас сум реката, реката е јас.

View this post on Instagram

5 canoes, 90km, 3 days 🏕🛶💪🏼

A post shared by Erin Mattingly (@erin.mattingly) on


Со признавањето на реката како личност значи дека тој што ќе ја загрози, го загрозува и племето. Така, ако се случи каква било злоупотреба или ако реката биде загрозена на кој било начин, како што е загадување или некои неовластени активности, реката може да го тужи тој што ги извршува тие активности. Покрај тоа, ова значи дека реката може да биде сопственик и на имот, да склопува договори, но и самата да биде тужена.

Добивањето статус на личност конкретно за животната средина се изучува како начин на заштита на природата од 70-тите години. Американскиот професор по право Кристофер Д. Стоун тврди дека интересите на животната средина треба да бидат препознаени исто како човечките.

Реката Вангануи не е единствен природен ресурс кој добил статус на личност. Во 2014 година паркот Те Уревера, античкиот дом на Тухоите, станал првата природна карактеристика во земјата што била призната како правно лице. Во 2018 година и планината Таранаки, стратовулкан стар 120.000 години, кој е свето место на Маорите, добила ист статус. Но реката Вангануи е можеби највлијателна: по одлуката во 2017 година, реките Ганг и Јамуна, како и сите реки во Бангладеш, добиле законски права на „легални личности“, иако во Индија одлуката подоцна била отповикана.

Извор: BBC
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот