X
 18.10.2020 Наука

Страшниот експеримент од кој произлегла првата вакцина

Сипаниците биле ужасна болест. Болки во телото, висока температура, болка во грлото, главоболки и тешкотии при дишењето, а згора на тоа - пациентите имале исип по целото тело. Сипаниците опустошувале цели заедници во минатото, а најранливи биле градовите со пристаништа.

Имало различни третмани што се користеле за лекување на сипаниците, а голем дел од нив биле бескорисни. Еден вистински лек кој најмногу се користел бил познат како инокулација или вариолација. Тоа вклучува земање гној од некој што има сипаници и ставање на кожата на здраво лице. Овој третман првпат се користел во Африка и во Азија пред да дојде во Европа во 18 век и во Северна Америка.

Инокулацијата предизвикувала благо заразување со болеста, но тоа не било случајот секогаш. Биле забележувани и тешки случаи, па затоа било потребно подобро решение.

До 1700 г. во рурална Англија било познато дека една група луѓе се имуни на сипаниците, а тоа биле млекарите, кои имале релативно слаби симптоми на болест наречена кравји сипаници. За време на епидемијата на сипаници во Западна Англија во 1774 г. фармерот Бенџамин Џести изгребал гној од крава и им го намачкал на кожата на својата сопруга и на синовите. Никој од нив не добил сипаници.

Но за ова се дознало многу години подоцна. Човекот кој се смета за изумител на вакцините направил нешто слично како Џести. Едвард Џенер бил селски лекар во Глостершир. Во 1796 г., по набљудување фармери и млекари, Џенер направил експеримент на дете што можел да биде фатален. Тој зел гној од рацете на млада млекарка и го намачкал на кожата на осумгодишниот Џејмс Фипс.


Фото: Едвард Џенер/Wikipedia

По неколку дена со слаби симптоми, Џејмс оздравел доволно за Џенер да може да му нанесе материјал од сипаница. Џејмс не заболел од сипаници, а не заболеле ниту луѓето со кои бил во контакт.

Експериментот бил успешен, но тој бил етички проблематичен според денешните стандарди. Џенер не знаел за науката што стоела зад неговото откритие и не се знаело дека сипаниците биле предизвикани од вирусот вариола. Сепак, тој сфатил дека неговата вакцина има потенцијал да ја смени медицината и да спаси животи.


Фото: Едвард Џенер/Wikipedia

Тој не сакал да заработи од вакцината и не бил заинтересиран за патентирање, туку сакал да им помогне на луѓето. Во својот летен дом тој ги поканувал луѓето на вакцинирање и им пишувал на другите лекари за своето откритие. Откако ги објавил своите откритија, веста се проширила низ Европа, а потоа со поддршка на кралот на Шпанија стигнала насекаде низ светот.

Приближно 20 години подоцна вакцината на Џенер спасувала милиони животи. Набрзо вакцинацијата против сипаници станала стандардна, а сипаниците биле целосно искоренети во 1979 г.

Автор: Ричард Холингхем
Извор: Би-би-си
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука