X
 10.01.2020 Здравје

Најлошата епидемија на морбили во светот уби 6.000 луѓе во Демократска Република Конго

Морбилите убија повеќе од 6.000 луѓе во Демократска Република Конго, соопшти Светската здравствена организација.

СЗО ги повика меѓународните партнери и агенции да ги зголемат ресурсите за борба против, како што ја нарече, „најлошата епидемија на морбили во светот“. Околу 310.000 сомнителни случаи на морбили се пријавени во Конго од минатата година, а недостигот на средства остана огромна пречка за напорите за спречување на епидемијата, соопшти СЗО.

Според СЗО, иако агенцијата и нејзините меѓународни партнери вакцинирале 18 милиони деца од Конго под 5-годишна возраст против оваа болест, рутинското покривање на имунизацијата сè уште е ниско во целата земја. Во извештајот се вели дека 25 отсто од пријавените случаи во земјата се случиле кај деца под 5 години, кои се најранливи на заразни болести.

Организацијата соопшти дека иако има мобилизирано 27,6 милиони долари, потребни се дополнителни 40 милиони долари за да се вклучат деца на возраст меѓу 6 и 14 години во програми за вакцинација, додека истовремено да се зајакнат и другите здравствени реакции при појава на епидемија.

- Даваме сè од себе за да ја доведеме под контрола оваа епидемија. Сепак, за да бидеме навистина успешни, мора да обезбедиме ни едно дете да не се соочи со непотребен ризик од смрт од болест што лесно може да се спречи со вакцина. Ги повикуваме нашите партнери-донатори да ја засилат нивната помош - вели д-р Матшидо Моети, регионален директор на СЗО во Африка.

2
Фото: Getty Images


Морбилите се високо заразен вирус и се шират преку кашлање и кивање, а може да живеат во воздухот откако некое заразено лице кашлало или кивало до два часа. Кога некој без имунитет го дише тој воздух или допре заразена површина, може да заболи од вирусот.

- Илјадници семејства од Конго имаат потреба од нашата помош за да го отстранат товарот од оваа продолжена епидемија. Не можеме да го постигнеме тоа без соодветни финансии - изјави Амеди Проспер Џигуимде, задолжен за канцеларијата на СЗО во Конго.

Демократската Република Конго се бори и со морбили и со погубна епидемија на ебола - втора по големина и втора смртоносна појава на болеста во историјата, а која почна во август 2018 година.

Распространетата недоверба кон здравствените системи и конфликтот на милицијата во некои провинции во Конго се меѓу многуте пречки со кои се соочуваат здравствените агенции што работат на прекинување на епидемиите во земјата.

Како и во случајот со еболата, СЗО рече дека е тешко да се добие пристап до ранливите заедници поради појава на други болести и безбедносната состојба во некои области.

Во ноември четворица здравствени работници што реагираа на појавата на ебола беа убиени во источниот дел на Конго. Камерунски лекар беше застрелан во април во болницата во Бутембо, каде што лекувал пациенти болни од ебола.

СЗО соопшти дека 60 здравствени работници што биле обучени во декември ќе бидат распоредени низ целата земја оваа недела за да ѝ помогнат на агенцијата.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје