X
 05.03.2019 Економија

Младите американски социјалисти ја протераа „Амазон“ од Њујорк и се убедени дека тоа е супер

Додека Европа и Британија со причина се плашат што ќе се случи по Брегзит, на другиот крај од светот се случува нешто сосема спротивно. Имено, во Њујорк е донесена политичка одлука која набљудувачите ја нарекуваат мини-Брегзит. Најголемиот приватен работодавец на светот одлучи да инвестира во најславниот град во светот и таму да отвори дури 25.000 нови работни места. Њујорк ја разгледа опцијата, размисли и одлучи - не треба, благодарам. До тој одговор доведоа политичарите од милениумската генерација, кои се идентификуваат како социјалисти. Тие се во подем, а доминацијата во њујоршката политика е само првата станица од сериозниот поход на власта.

Зошто новото седиште на „Амазон“ - највредната корпорација на светот - воопшто требало да биде во Њујорк и зошто нема да биде? Прашајте ги „социјалистите“, луѓето кои искрено веруваат дека нивната смисла на овој свет е борбата против капитализмот. Тие не мислат дека отворањето нови работни места е добро, напротив. Кога „Амазон“ одлучи да го смести новото седиште во Лонг Ајленд, тие не прашуваа како може да се вработат таму, туку како може да го запрат тоа. И успеаја.

Зошто Лонг Ајленд е еден од најинтересните делови на Њујорк?

Квартот на крајниот запад на Квинс веќе десетина години интензивно се гради, откако со промената на урбанистичкиот план наместо индустриска, доби станбена намена. Парадоксално, и едната и другата судбина се поради физичката локација на Лонг Ајленд. Некогаш одамна, пред изградбата на мостовите и тунелите под Ист Ривер, тоа било место каде што доаѓале траектите од Менхетн. Транспортната точка ја привлекла индустријата и тука се развиле работнички предградија. Но, тоа било одамна. Индустријата згаснала и сè што останало се многубројните автомеханичарски работилници во поранешните хали.

Но, останал и фактот дека квартот се наоѓа на река, а погледот преку Ист Ривер е навистина спектакуларен - точно наспроти е зградата на ОН, покрај неа е облакодерот Крајслер, малку подалеку е Емпајер стејт и шума од други облакодери. Нема многу места во градот со толку импресивен поглед. Затоа Лонг Ајленд Сити е пренаменет во станбено-деловен кварт каде што постојано се градат нови згради.

Социјалистичките активисти се плашеле дека „Амазон“ ќе предизвика гентрификација

Еве една илустрација како во Лонг Ајленд веќе се случува омразената гентрификација: доаѓањето на станарите со поголема куповна моќ ја зголемува киријата и ги тера дотогашните станари да се иселат. Автомеханичарските работилници замреа. Во нивните простории се отвораат ресторани, фризерски салони, продавници. Градот масовно вложува во јавните простори, целиот брег е претворен во парк со игралишта, се гради огромна јавна библиотека, за пешаците и велосипедистите е воведена бродска линија по Ист Ривер, која води во Бронкс, Менхетн и Бруклин, во потоплите денови можете да изнајмите кајак и да веслате до ОН. Накратко, гентрификација на квадрат.

Во таков Лонг Ајленд дојде и „Амазон“. И неколку недели подоцна беше истеран бидејќи активистите се плашеа дека 25.000 работни места што ги донесе би можеле да предизвикаат гентрификација. „Амазон“ не си замина затоа што му се спротивставија локалците или затоа што се спротивставија жителите на најголемиот американски град. Напротив, истражувањата покажаа дека доаѓањето на компанијата ја има поддршката од дури 70 отсто од њујорчаните. Но, тоа е залудно - мала група социјалистички активисти, противници на корпорациите, успеаја да го запрат обидот во Лонг Ајленд да бидат отворени 25.000 добро платени работни места. Тоа е важна точка во подемот на новопробудената радикална левица - онаа што ја носат милениумците.

Џеф Безос, сопственикот на „Амазон“, во 2017 година одлучи да најде дополнително седиште за својата компанија, покрај она во Сиетл, кој е сензационален град, но има недостатоци - далеку е од сè, освен од Ванкувер во Канада, уште еден сјаен град со ист проблем. За да се стаса до Сан Франциско, потребни се два часа и тоа ако патувате со авион. Тоа значи дека можностите Сиетл да ги привлече најпаметните и најспособните се релативно ограничени. Втората причина за барањето локација за ново седиште е фактот дека во Сиетл седиште имаат и Мајкрософт, Боинг и Старбакс, што значи дека овие гиганти исцицале сè што може да се исцица од градот, а веќе е тешко да се доведат нови жители.

Веднаш по објавувањето на веста за отворањето на новите работни места, чија годишна плата е околу 150.000 долари, „Амазон“ почна да добива пријави од различни градови кои сакаа седиштето да биде кај нив. Околу 200 града му се понудија на „Амазон“. Сите нудеа поттикнувања и даночни олеснувања. Минатата година компанијата ги сведе апликациите на 20 финалисти. Брзо се расчу дека избраната локација ќе биде на северот на Вирџинија, но и дека „Амазон“ веројатно ќе има две нови седишта. Меѓу 19. кандидати во финалето беше и Њујорк, но никој не мислеше дека толку голем град ќе има шанса. Градоначалникот и гувернерот кандидирале дури четири локации. И што се случи? Безос го одбра Њујорк.

Њујорк сакаше да му прости на Безос две и пол милијарди долари данок

Њујоршките политичари ја намамија „Амазон“ со ветување кое не беше најскандалозната понуда што Џеф Безос некогаш ја добил. На „Амазон“ во следните десет години ќе му бидат простени две и пол милијарди долари данок, а градот и државата ќе му дадат 500 милиони за изградба на седиштето на Лонг Ајленд. Вкупно три милијарди поттик за најголемата компанија на светот.

Тоа не е многу. Земете го предвид фактот дека Њујорк има поголема економија од цела Русија. Њујоршкиот бруто-градски производ е 1,6 билион, годишниот БДП на Русија е 1,5 билион долари. А Њујорк нема ни нафта ни гас. Доаѓањето на „Амазон“ требаше да биде шлаг на 10 години незапомнет економски успех во овој град. Њујорк е во непрестајна економска експанзија, толку успешна што слична немаме видено 70 години. Тоа беше голема победа за политичарите. Додека траеше.

Противниците на „Амазон“ беа најзагрижени за хаосот во метрото

Ако во Лонг Ајленд дојдат да работат нови 25.000 луѓе, на линијата 7 ќе настане тотален хаос. Тоа беше еден од најјаките аргументи што противниците на доаѓањето на „Амазон“ во Њујорк го наведуваа и тој аргумент на крајот беше посилен од перспективата на отворањето нови работни места и економскиот развој што го ветуваше компанијата. Линијата 7 е единствениот воз на њујоршката подземна железница кој го спојува Лонг Ајленд со Менхетн од едната и со остатокот од Квинс од другата страна. Без најавената инвестиција во тој воз и понатаму ќе има метеж, но сигурно помал отколку кога би дошле уште 25.000 нови работници.

Други аргументи против доаѓањето на „Амазон“ беа дека така ќе се затворат продавниците што се во семејна сопственост, кои веќе нема да можат да ја плаќаат скапата кирија, како и дека киријата ќе се зголеми за сите. И тоа веројатно е точно. Проблемот е што никој не ги разгледуваше позитивните аспекти на доаѓањето на компанијата, туку само негативните.

Џеф Безос
Фото: Wikipedia

Можеше да се отворат 175 илјади работни места

Економскиот теоретичар Енрико Морети одамна се занимава со вакви проблеми. По низа научни истражувања, тој дошол до заклучок дека доаѓањето на некоја технолошка компанија во некоја технолошки неразвиена средина отвора дополнителни нетехнолошки работни места. Морети пресметал колку работни места се создаваат и утврдил дека секое ново работно место во технолошкиот сектор за десет години ќе доведе до отворање пет дополнителни работни места во нетехнолошкиот сектор.

Ако „Амазон“ отвори 25.000 добро платени работни места во Лонг Ајленд Сити, за десет години тие ќе создадат дополнителни 150.000 работни места во нетехнолошките сектори. Значи таму во 2029 година би можело да има дополнителни 175.000 работни места кои денес не постојат. Кога ќе се пресметаат и фамилиите, повеќе од половина милион луѓе би можеле да зависат од работите што „Амазон“ ги создала на новата локација. Тоа не е малку ни во Њујорк, кој има девет милиони жители (со метрополитанското подрачје 23 милиони).

Њујоршките политичари беа напаѓани поради ветувањето дека ќе го отпишат данокот за „Амазон“ во следните десет години. Но, компанијата тука не доби никакво отстапување, туку со години секој што ќе отвори ново работно место во Лонг Ајленд Сити платено со 150.000 долари или повеќе, добива олеснување. Овие 2,5 милијарди долари не се смислени од политичарите, туку тоа е олеснувањето кое им е ветено на сите, помножено со големиот број работни места што ги најави компанијата.

Како мала група активисти се спротивставија?

Но, сето тоа беше залудно, како и фактот дека 70 отсто од њујорчаните го поддржуваат доаѓањето на „Амазон“. Мала група активисти се спротивставија. Опозицијата на „Амазон“ доаѓаше од три страни: синдикатите (тие немаат директна врска со Њујорк, туку глобално војуваат со Безос), локалните групи (кои се борат против зголемување на кириите и се обидуваат да ја замрзнат постојната состојба) и од групите политичари (кои сметаат дека војната против највредната компанија на светот и нејзиниот сопственик е оправдана со фактот дека тоа е највредната компанија и најбогатиот човек).

Тие се имуни на аргументи, како оној дека сите градови нудеа слични поттикнувања или дека даночното олеснување не значи даночно ослободување. Не сакаат да слушнат дека пресметката на градот и државата Њујорк вели дека на три милијарди долари отпишан данок за „Амазон“ за 10 години градот и државата ќе заработат 27 милијарди долари данок или, пак, нема да заработат ништо ако одбијат, како што се случи.

Борба против најбогатиот човек на светот само затоа што е богат

Њујоршките социјалисти веруваа дека на „Амазон“ повеќе му треба Њујорк отколку што на Њујорк му треба „Амазон“. Но, Безос мисли поинаку. Доаѓа ладен туш - нема да има 30 милијарди долари даночни приходи. Безос се откажа. „Земете си го назад Лонг Ајленд Сити и секој друг кварт. Јас не одам таму“. Безос уште на почетокот имаше 200 алтернативи за седиштето - само будала би се чудела што се откажа пред притисокот.

Социјалистите ја славеа „пропаста на големата работа“ и го величаа успехот на „Давид против Голијат“ иако не е јасно до кога ќе се одржи таквата канибалистичка позиција.


Автор на колумната е Ѓиво Ѓуровиќ и целата можете да ја прочитате тука.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија