X
 18.11.2019 Технологија

Најнеобичните онлајн-моменти на Илон Маск

Претседателот на „Спејс Екс“, главниот човек на „Тесла“ и „Невролинк“ не само што сака да ја унапреди технологијата туку е и опседнат со неа. Но, ова не значи дека неговите секојдневни „излети“ на „Твитер“ се промислени, што може да се види и од многубројните онлајн-конфликти што во неколку случаи го однеле на суд.

Вернон Ансворт, англиски нуркач кој помогна при спасувањето на дванаесетте деца и нивниот фудбалски тренер во поплавената пештера во јуни 2018 година, за време на едно интервју го нарекол Маск шарлатан кој сака само внимание, кога Маск предложи мини-подморници за спасување на децата и тренерот. Ова го налутило Маск и на „Твитер“ тој го нарече Ансвор педо-лик. Кога Ансворт се заканил дека ќе го тужи, Маск одговорил: - Да се обложиме дека сум во право.

Но, откако самиот интернет го обвини за клевета, Маск ја избриша објавата и се извини, но во тајност ја продолжи кампањата против него. Еден месец по бришењето на објавата Маск на „Твитер“ повторно коментираше за Ансворт, за неговата неактивност, истакнувајќи дека неговата тишина и покрај понудената правна помош потврдува дека е виновен. Уште повеќе, во јуни 2018 година Маск на „Базфид“ ја коментира ситуацијата, велејќи дека Ансворт е силувач на деца и дека се надева дека ќе го тужи.

mask
Фото: EPA


Пред размената на информации, Маск на новинарот од „Базфид“ му рекол дека сака комуникацијата да остане тајна и далеку од очите на јавноста, но новинарот Рајан Мак не прифатил, па целата комуникација ја објавил во статија. Документите дури наведуваат дека Маск во еден момент го нарекол „е**н идиот“.

Неколку недели по излегувањето на статијата, Ансворт конечно одлучил да го тужи Маск за клевета. Шефот на „Тесла“ моментално е во долготрајна парница.

Интелектуална сопственост и еднорози

Во јуни 2018 година Маск влегол во конфликт со грнчарот Том Едвардс од Колорадо. Тој му го привлекол вниманието на Маск со ексцентрична шолја на која бил нацртан еднорог што испуштал гасови што ги стартуваат електричните автомобили. Маск ја објавил фотографијата во февруари 2017 година, нарекувајќи ја „омилената шолја“.

Проблемот се јавил по два месеца кога Едвардс му рекол на Маск дека неговата слика се наоѓа на иконата на екранот на возилата на „Тесла“. За работите да бидат полоши, компанијата ја искористила сликата за божиќните разгледници.

Toкму овој потег го поттикнал Едвардс да бара компензација за искористената интелектуална работа затоа што на уметниците низ светот постојано им се крадат уметничките трудови што ги објавуваат на интернет. Подоцна, избришаните објави на Маск главно биле обид да го нападне Едвардс.

- Ако ништо друго, моите изјави го зголемија бројот на продадени шолји - изјави Маск.

По еден куп приговори на Маск, тој и Едвардс успеале да постигнат договор надвор од судот. Точните детали за спогодбата не се достапни за јавноста, но Едвардс на својот блог напишал дека ги решиле несогласувањата така што биле задоволни двете страни.

Крадење на идејата на братот на Пабло Ескобар

Маск успеал да влезе во конфликт и со Роберт Ескобар, брат на покојниот колумбиски наркобос Пабло Ескобар, затоа што наводно му го украл интелектуалното сопствеништво.

Ти-ем-зи објави статија во која наведува дека Ескобар го обвинил Маск за крадење на идеите за домашен фрлач на пламен откако „Боринг компани“ почнала да продава фрлач на пламен во јануари 2018 година под името „Не е фрлач на пламен“ („It’s Not a Flamethrower“), претекнувајќи ја премиерата на фрлачот на пламен на Ескобар.

1
Фото: The Boring Company


Ескобар изјавил дека е виновен еден од инженерите на Маск кој ја украл идејата во 2017 година, кога бил во посета на неговиот дом. Маск не можел да молчи, па објавил реплика во класичен стил - преку „Твитер“. Тој напишал: - Не станува збор за фрлач на пламен, господине Ескобар - коментирајќи го ироничното име на опасната играчка.

Подоцна рекол дека идејата му паднала на памет кога ја гледа комедијата „Спејсболс“ со Мел Брукс.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија