X
 13.04.2024 Технологија

Ќе и верувате на технологијата или на луѓето - некои ВИ модели веќе имаат моќ на убедување како луѓето

Денешната вештачка интелигенција е толку добра, што станува сè потешко, понекогаш и невозможно, да се препознае содржина што не е создадена од луѓе, туку од алатки за вештачка интелигенција. Ова може да се каже за фотографиите, видеата, шифрите, но и пишаниот збор, а целата таа создадена содржина што се објавува преку социјалните мрежи или медиумите може да влијае врз луѓето, нивното размислување и постапки. Убедувачката моќ на вештачката интелигенција се зголемува, а ако му се верува на стартапот „Антропик“, нивните големи јазични модели се толку напредни што нивната убедувачка моќ е на исто ниво со онаа на луѓето.

Ова особено се однесува на нивниот најмоќен јазичен модел „Клауд 3 опус“, чии аргументи во дискусиите не се премногу различни од оние аргументи што луѓето би ги напишале во истите дискусии.

Според една неодамнешна студија, секоја нова генерација или секој нов голем јазичен модел е уште понапреден и има поголема моќ на убедување, а понатамошниот напредок на таквите модели може да има доста негативни последици. Имено, се нагласува дека моќта на убедување е вештина која има широко општествено влијание и комерцијална и политичка конотација, а може да шири дезинформации и да влијае врз однесувањето на луѓето, кои токму поради вештачката интелигенција можат да дејствуваат против сопствените интереси.

Прашањето е што можеме да очекуваме од вештачката интелигенција во иднина, односно колку оваа технологија би можела да стане моќна и убедлива кога нема никакви аргументи и дали може да ги надмине повеќето луѓе во оваа област. Експертите за вештачка интелигенција веќе некое време предупредуваат дека се приближуваме до моментот кога вештачката интелигенција може да стане попаметна од луѓето, а пред некое време истото го кажа и Илон Маск.

- Ако ја дефинираме општата вештачка интелигенција како попаметна од најпаметниот човек, мислам дека тоа веројатно ќе биде следната година, односно во рок од две години - искоментирал шефот на „Тесла“, кој неодамна ја лансира и компанијата за вештачка интелигенција „Грок“.

Луѓето што учествувале во истражувањето на „Антропик“ требало да ги оценат аргументите за одредени теми - некои од тие аргументи ги напишале луѓе, а некои биле напишани од вештачка интелигенција, но секако не знаеле кој кои аргументи ги напишал. Се покажало дека аргументите напишани од вештачката интелигенција се исто толку убедливи како и аргументите напишани од луѓе.

Сепак, треба да се потенцираат две работи. Прво, иако вештачката интелигенција покажува силна моќ на убедување, т.е. луѓето кои учествувале во истражувањето се согласиле со нејзините аргументи, истражувањето било спроведено околу помалку поларизирачки прашања - на пример, истражување на вселената, содржини со вештачка интелигенција и слично, а прашањето е колку би била моќна технологијата да убеди - во случај на некои потешки теми за кои е тешко согласување и наоѓање компромис, како што се на пример политичките теми.

Исто така, се нагласува колку е тешко да се измери моќта на убедувањето во лабораториски услови и прашање е како таквите резултати можат да се применат во реалниот свет.

Извор: zimo.dnevnik.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија