X
 18.11.2024 Живот

Седум децении „томос“ - сон на секој Југословен

Пред седум децении компанијата „Томос“ ја започна моторизацијата на работникот на овие простори.

Мопедот на „Томос“ бил сон на многу граѓани кои морале да издвојат дури 14 просечни плати за да купат „фичо“, додека за „томос колибри“ биле потребни само три просечни плати. Овој факт го покажува значењето што „Томос“ го имал меѓу народот.

Приказната за „Томос Копер“ започнала по смирувањето на тензиите од Студената војна. На 16 јули 1954 година била донесена одлука за основање фабрика за мотоцикли во словенскиот град Сежана, во близина на границата со Италија. Но, со оглед на тоа што градот Копер бил главното индустриско место во тој дел, на 15 ноември 1954 година, со компромисна одлука целата приказна била поместена во Копер, каде што „Томос“ останал до неговото затворање.

1
Испорака на „томос“ мотоцикли во 60-тите/Фото: Wikipedia

Владата имала поделено мислење за овој проект, при што најголемите грижи биле околу куповната моќ на социјалистичкиот работник, односно дека граѓаните немале многу пари. Но, редоследот на настаните ја оправдал инвестицијата и ги замолкнал скептиците. Новата фабрика била готова за три години, а интересно е да се забележи дека во меѓувреме започнала политичката ликвидација на фабриката „Творница мотора Загреб“, која ја делела истата производна програма. Но, „Томос“ имал политичка поддршка, така што средствата за развој воопшто не биле доведени во прашање.

Копер за брзо време станал „мала Југославија“, со оглед на стручните кадри што доаѓале од сите краеви на Југославија. Веќе во 1958 година во фабриката работеле речиси 1.000 луѓе, а по една година бројката пораснала на 1.618 вработени. Во најдобриот период, раните 70-ти, „Томос“ имал 3.000 вработени.

Почетокот на производството го означиле мотоциклите „пух“. Робусните и економични мотоцикли биле идеален избор за лошите патишта во Југославија. Склопувањето на првиот „пух СГ 250“ започнало во 1955 година, а „Томос“ истовремено започнал да развива свој производ за иднина.

Пристигнувањето на Тито во Копер на 14 јуни 1959 година било повод за претставување на првиот домашен производ, мопедот „колибри“. Во 50-тите години „Томос“ успеал да направи педесетина модели. Била направена цела серија на варијации на темата „колибри“: VS 50, тип 12, експрес, АPN итн. Дури и најдобар познавач на денешницата има проблем со сигурност да идентификува за кој модел станува збор.

Непобитен факт е дека најголеми муштерии на „Томос“ отсекогаш биле поштарите, чии мотори ги познавале и селаните и кучињата. Но, „Тoмос“ не бил само препознатлив мопед. Фабриката произведувала и мотори за бродови. Така, во 1958 година бил произведен првиот „томос ламо-05К“, првиот мотор за чамци. Сепак, најважниот производ бил „томос 4“ претставен во 1969 година.

1
„Томос 4“/Фото: Wikipedia

Во 1960 година „Томос“ се впушти во автомобилска авантура со француската компанија „Ситроен“. Првичниот план бил соработка базирана на принципот на делови за производство на автомобили во „Томос“ во пропорционална количина на домашни делови доставени до Французите. Со основање на „СИМОС“ (формиран од зборовите „Ситроен“ и „Томос“), во 1973 година биле изградени и проширени погони во Нова Горица, Сеножече, Бузет и Шемпетро.

Освен што била без конкуренција на југословенскиот пазар, „Томос“ била успешна компанија и на запад во 80-тите години и имала фабрика во Холандија каде што 29 вработени склопувале 10.000 мотори годишно.

Конкуренцијата од Источна Европа во 80-тите го принуди раководството на „Томос“ да размислува за нови начини. Зголемувањето на куповната моќ овозможило работниците да можат да си купуваат автомобили. За да ги задржи барем помладите клиенти, „Томос“ морал да понуди нешто попрецизно, па го создаде „томос 90 електроник“ со кој го дочека и распадот на Југославија.

Всушност, се покажа дека тоа е само продолжување на стечајната агонија која траеше цела деценија и конечно заврши во 2019 година. „Томос“ ја напушти сцената, но остана во срцата на многубројните фанови, кои го оживуваат споменот на мопедите од Копер со своите старински миленици.

Извор: 6yka.com
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот