X
 18.12.2020 Економија

Индија ќе гради енергетски парк голем колку Сингапур

Индија штотуку ги постави темелите на она што ќе стане најголемиот парк за обновлива енергија во светот. Огромниот проект во регионот Куч, во западниот дел од сојузната држава Гуџарат, ќе опфаќа површина од 180.000 акри - приближно на онаа на Сингапур, пренесува АФП.

Кога ќе биде завршен, паркот ќе произведува 30 гигавати електрична енергија од ветерници и соларни панели, а со него ќе се намалат емисиите на јаглероден диоксид за најмногу 50 милиони тони годишно. За споредба, соларниот парк „Бадла“ во Индија, кој моментално се смета за најголем соларен парк во светот, произведува 2,2 гигавати електрична енергија.

Австралија има слични амбиции со својот план за изградба на најголемата соларна фарма во светот која треба да произведува 10 гигавати електрична енергија и ќе опфаќа површина приближна на 20.000 фудбалски игралишта.

Новиот парк во Индија ќе биде изграден веднаш до фабрика за десалинизација која ќе преработува 100 милиони литри вода дневно, доволно за околу 800.000 луѓе. Според АФП, Индија планира да произведува 175 гигавати електрична енергија од обновливи извори до 2022 г. и 450 гигавати до 2030 година.

Автор: Виктор Тангерман
Извор: futurism.com 
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија