Индиската организација за вселенско истражување (ИСРО) претстави робот без нозе наречен Вјомитра, кој сака годинава да го испрати во вселената на мисија без екипаж. Хуманоидниот робот наводно може да зборува на два јазика.
- Нашиот робот е како човек и ќе може да прави сè што прави човекот, иако не толку екстензивно - истакна првиот човек на организација, К Сиван.
Хуманоидниот робот ќе биде лансиран на првиот тест-лет без екипаж на планираниот индиски орбитален вселенски брод „Гаганјаан“.
- Можам да им бидам придружник на астронаутите, да ги препознавам и да им одговарам на нивните барања - вели Вјомитра во еден клип објавен на „Твитер“.
Но, движењето на роботот ќе биде
ограничено.
- Наречен е полухуманоид затоа што нема нозе. Може само да се навалува настрана и нанапред - истакна научникот Сам Дајал од ИСРО.
Мисијата е дел од поголемите амбиции на Индија да испрати индиски астронаути во вселената до 2022 година (ако сè оди според планот), што индискиот премиер Наренда Моди го најави во 2018 година.
Сепак, ова не би било прво испраќање на хуманоиден робот во вселената. Русија во август минатата година го испрати хуманоидниот робот ФЕДОР до Меѓународната вселенска станица.