Премиерот на Индија, Нарендра Моди, го започнува најголемиот експеримент во светот во областа на здравството, план за кој владата вели дека ќе обезбеди бесплатно здравствено осигурување за 500 милиони луѓе.
Од моментот на започнувањето на програмата Индијците што живеат во сиромаштија веќе нема да мора да плаќаат за приватните лекувања, кои досега ги туркаа таквите фамилии во големи долгови.
Барем тоа е планот. Лекарите изразија загриженост дека планот, кој индиските медиуми го нарекоа „Модикер“ (Modicare), би можел да го поткопа столбот на постојниот здравствен систем и да доживее неуспех во рок од една година ако не се имплементира како што треба. Тие се плашат дека ова е завршено на брза рака како популистичка постапка пред изборите, кои треба да се одржат напролет.
Официјално именуван како „Ајушман Барат“, Модикер има два аспекта. Првиот е ветување за реорганизација на 150 илјади помали оперативни и здравствени центри во подобро снабдени „центри за здравје и благосостојба“ регулирани од владата. Второто ветување е програмата за здравствено осигурување. Целта е да се намали јазот меѓу преполните јавни болници на кои им недостига кадар и сјајните приватни болници.
Семејствата што ќе бидат опфатени со програмата ќе добијат писмо од премиерот и „златна картичка“ која ќе можат да ја искористат за да побараат нега во секоја регистрирана болница во земјата.
Но, еден од најголемите проблеми е што само дел од оние што треба да бидат опфатени од програмата всушност се свесни за нејзиното постоење.
Фото: Independent
Инду Бушан, извршен директор на агенцијата која го исполнува делот со здравственото осигурување од Модикер, вели дека тоа што програмата не била премногу рекламирана била смислена политика. Тие сакале прво болниците да се подготват.
Она што Бушан и неговиот тим го постигнале за седум месеци не треба да се потцени. Склучени се договори со 31 од вкупно 36 сојузни држави и територии, обучени се службеници за контакт, кои се распределени во околу 10.000 болници, а поставени се и ИТ-системи со чија помош луѓето можат да проверат дали имаат право да аплицираат за поддршка. Повеќето од болниците што се пријавиле да овозможуваат услуги според новиот план се јавни и многу од нив се во сојузни држави кои започнувале слични и помали вакви проекти на своја рака. Најголемиот предизвик ќе бидат државите каде што треба да се почне од нула.
Индиската Медицинска асоцијација изрази грижа дека парите што им се нудат на болниците за лекување пациенти се малку. Оттаму тврдат дека пакетите не се реални и дека ќе доведат до затворање на малите болници, за кои велат дека се столбот на индиското здравство бидејќи овозможуваат грижа за лица од зафрлени области. Има огромен број такви болници во Индија.
Се проценува дека финансирањето на планот ќе ги чини централната власт и властите од сојузните држави околу една милијарда фунти во текот на првата година, а сумата веројатно ќе биде тројно зголемена кога ќе се регистрираат сите што имаат право на користење на услугите опфатени со
планот.
Фото: Independent