Труд од 2020 година што предизвика широк ентузијазам за хидроксихлорокин како лек за ковид-19 е повлечен по повеќегодишна кампања на научниците кои тврдеа дека истражувањето содржи големи научни недостатоци и можеби ги прекршило етичките прописи. Трудот беше повлечен поради етички и методолошки проблеми.
Трудот објавен во „Интернешнл журнал оф антимикробиал ејџентс“, предводен од Филип Гаутре од Болничкиот институт за медитеранска инфекција во Марсеј, тврди дека третманот со хидроксихлорокин, антималаричен лек, ги намалува нивоата на вируси во примероците од пациенти со ковид-19, како и тоа дека лекот бил уште поефикасен доколку се користи заедно со антибиотикот азитромицин. Во тој период директорот на Болничкиот институт за медитеранска инфекција, Дидие Раул, постар автор на трудот, зборуваше за лекот на социјалните медиуми и на ТВ, што доведе до бран на возбуда, вклучително и од тогашниот претседател на САД, Доналд Трамп.
Но, научниците веднаш изразија загриженост за трудот забележувајќи ја големината на примерокот од само 36 пациенти и невообичаено краткото време за рецензија: трудот беше поднесен на 16 март 2020 година и објавен 4 дена подоцна. На 24 март консултантот за научен интегритет, Елизабет Бик, на својот блог забележа дека шест пациенти кои биле третирани со хидроксихлорокин биле исфрлени од трудот, од кои еден починал, а тројца биле префрлени на интензивна нега, што потенцијално ги искривило резултатите во корист на лекот. Поголемите, поригорозни испитувања спроведени подоцна во 2020 година покажале дека пациентите со ковид-19 немале придобивки од хидроксихлорокинот.
Во известувањето за повлекувањето се наведува дека Елсевиер и Меѓународното здружение за антимикробна хемотерапија, кои се косопственици на списанието, одлучиле да го повлечат трудот поради етички прашања, како и загриженоста на тројца од авторите во врска со методологијата и заклучокот на трудот.
Истрагата на Елсевиер не можеше да утврди дали истражувачите добиле етичко одобрение за истражувањето пред да регрутираат пациенти, ниту дали пациентите дале информирана согласност да се лекуваат со антибиотикот азитромицин. Овој лек не би бил дел од стандардната нега за овие пациенти во Франција во тоа време, заклучи истрагата, па затоа би се сметал за експериментален третман за кој е потребна согласност.
Во соопштението за печатот, Француското здружение за фармакологија и терапевтика вели дека сега повлечениот труд бил „камен-темелник“ на скандалот во кој милиони луѓе непотребно земале хидроксихлорокин, па доживеале несакани ефекти, вклучително и срцев удар.
- Оваа серија на настани нека служи како потсетник на суштинската точка кога станува збор за лековите: дури и во време на здравствена криза, препишувањето лекови без цврст доказ за ефикасност, надвор од ригорозната рамка на добро спроведени клинички испитувања, останува неприфатливо. Повреден е еден од основните принципи на медицината, „primum non nocere“ (најпрво, не прави штета), а последиците се драматични - велат од Француското здружение за фармакологија.
Извор:
Science.org
Фото: Freepik