За двата најблиски примати до луѓето често се вели дека ги отелотворуваат спротивставените страни на нашата природа: мирољубивите бонобоа наспроти шимпанзата склони кон насилство.
Но, истражување објавено во списанието „Крент бајлоџи“ покажува дека работите не се толку едноставни. Всушност, машките бонобоа се борат меѓу себе почесто отколку машките шимпанза, а бонобоата кои имаат манири на „лоши момчиња“ имаат поголем успех во парењето.
Авторката Мод Муџино од Универзитетот во Бостон вели дека одлучила да ја истражува агресијата меѓу бонобоата откако претходно истражување открило дека некои мажјаци имаат многу повеќе потомци од другите.
- Прашањето беше ако бонобоата не се толку агресивни, како може да има толку висока репродуктивна разлика? - вели таа.
Истражувачите претходно се обиделе да ја споредат агресијата меѓу двата вида кои делат 99,6 отсто од нивната ДНК, но истражувањата биле ограничени.
Муџино и нејзините колеги се фокусирале на три заедници во резерватот Коколопори Бонобо во Демократска Република Конго и две заедници на шимпанза во Националниот парк Гомбе во Танзанија.
Следејќи го индивидуалното однесување на 12 машки бонобоа и 14 машки шимпанза во текот на две години, тимот успеал да собере податоци за тоа колку често секој од нив учествувал во агресивни интеракции и дали имало физички контакт како што се гризење и туркање или едноставно напад на ривал.
Истражувачите откриле дека машките бонобоа покажале повисоко ниво на агресија од шимпанзата. Поточно, бонобоата учествувале во 2,8 пати поагресивни средби и трипати повеќе физички пресметки отколку шимпанзата.
Извор:
Phys.org
Фото:
Wikipedia