X
 19.02.2019 Живот

Зоолошка градина во која може да си играте со лавица

Зоолошка градина во Појасот Газа настојува да привлече посетители нудејќи им можност за игра со лавица. Лавицата е стара 14 месеци и се вика Фалестина. Ветеринарите ѝ ги исекле канџите за да не може да изгребе некого, но ѝ ги оставиле забите.

- Настојуваме да ја намалиме нејзината агресивност за да биде пријателски расположена кон посетителите - вели сопственикот на зоолошката во Рафа, 53-годишниот Мухамед Џума.

Фајез ал-Хадад, ветеринарот кој ја оперирал Фалестина, вели дека тоа не е грубост кон животното.

- Канџите ѝ се исечени за да не израснат пребрзо и за да можат децата и посетителите да си играат со неа. Со тоа лавицата не го губи својот карактер - објаснува тој.

Но, од организацијата „По проџект“ (Paw Project), која рехабилитира големи мачки, тврдат дека станува збор за нечовечност.


Фото: Vecernji

Во зоолошката градина во Рафа моментално има пет лава. Градината била уништена при напад од израелската војска на Појасот Газа во 2004 година, но Џума ја обновил и повторно ја отворил пред две години.

Додека да се припитоми лавицата, посетителите се држат малку подалеку, зад ниска ограда. Лавицата си игра, но повремено изгледа збунето, обидувајќи се да си ги наостри непостојните канџи од блиското стебло.

Хадад предупредува дека канџите ќе ѝ пораснат повторно во рок од половина година.

- Лавицата нема да ги изгуби своите напаѓачки инстинкти - вели тој.

Во Појасот Газа на мал простор живеат два милиона Палестинци. Таму има неколку мали зоолошки градини кои се во многу лоша состојба.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот