X
 26.05.2021 Живот

Колку пари добива Израел од САД?

Претседателот Џо Бајден се соочува со прашања од некои членови на неговата Демократска партија за помошта што САД му ја испраќаат на Израел.

Сенаторот Бени Сандерс вели дека САД мора да ревидираат како се трошат парите.

Што добива Израел и за што точно се користат парите?

Колку помош даваат САД?

Во 2020 година САД дадоа 3,8 милијарди американски долари помош за Израел - дел од долгорочната, годишна обврска преземена од администрацијата на Обама. Речиси целата помош беше за воени цели.

Оваа поддршка дојде како дел од договорот потпишан од поранешниот претседател Барак Обама во 2016 година за вкупен пакет воена помош од 38 милијарди долари во текот на деценијата 2017-2028 година.

Ова претставува зголемување од околу 6 отсто (приспособено за инфлацијата) во однос на обврската за трошење за претходната деценија.

Згора на тоа, минатата година САД дадоа 5 милиони долари за преселување на мигрантите во Израел. Земјата има долгогодишна политика на прифаќање на Евреите од другите делови на светот.

Како Израел ги искористи парите на САД?

Со текот на годините, американската помош му помогна на Израел да развие една од најнапредните војски во светот, со средства што им овозможија да купуваат софистицирана воена опрема од САД.

На пример, Израел купи 50 борбени авиони Ф-35, кои можат да се користат за ракетни напади - 27 од авионите досега се испорачани, а чинеа околу 100 милиони американски долари.

Минатата година Израел исто така купи осум авиони „боинг КЦ-46А“ за околу 2,4 милијарди американски долари. Од 3,8 милијарди долари дадени на Израел во 2020 година, 500 милиони долари беа за ракетна одбрана, вклучително и инвестиции во израелската „Ајрон доум“ и други системи што можат да пресретнат ракети што доаѓаат.

Од 2011 година САД придонеле со вкупно 1,6 милијарда американски долари во одбранбениот систем „Ајрон доум“.

Покрај тоа, Израел потроши милиони соработувајќи со САД за развој на воена технологија, како што е систем за откривање подземни тунели што се користат за инфилтрирање.

Израелската влада вложува многу во воена опрема и обука, користејќи ја помошта за да го компензира фактот што е помала од многу други регионални сили.

1
Фото: BBC

Како ова се споредува со другите земји?

Од Втората светска војна, Израел е најголемиот примател на странска помош од САД.

Во 2019 година, последната година кога беа јавно објавени пријавените бројки, Израел беше втор највисок примател на странска помош од САД по Авганистан, според УСАИД.

Голем дел од парите дадени на Авганистан се наменети за поддршка на напорите на американската армија за стабилизирање на земјата, која е опфатена со војна од американската инвазија во 2001 година. Но, со оглед на тоа што американските трупи треба да го напуштат Авганистан до септември оваа година, за 2021 година беа побарани само околу 370 милиони американски долари.

Израел добива најмногу пари на Блискиот Исток. Египет и Јордан исто така се главни приматели на американска помош. И двете земји имаат склучено мировен договор со Израел, откако еднаш завојувале со оваа земја. Секоја од нив добила американска помош во вредност од околу 1,5 милијарда долари во 2019 година.

Во меѓувреме, претседателот Бајден врати некои средства за агенцијата на ОН, која им помага на палестинските бегалци. Ова финансирање беше скратено од администрацијата на Трамп во 2018 година.

Зошто САД му даваат толку голема парична помош на Израел?

Постојат голем број причини зошто САД му даваат толку голема помош на Израел, вклучувајќи историски обврски кои датираат од американската поддршка за создавање на еврејската држава во 1948 година.

Покрај тоа, САД го сметаат Израел за клучен сојузник на Блискиот Исток - со заеднички цели и заемна посветеност на демократските вредности.

Службата за истражување на Конгресот на САД вели: „Странската помош на САД е главна компонента за зацементирање и зајакнување на овие врски. Американските власти и многу пратеници долго време сметаа дека Израел е витален партнер во регионот. Американската парична помош обезбедува дека Израел го одржува својот Квалитативен воен раб над потенцијалните регионални закани. Американската помош има цел да се осигури дека Израел е доволно безбеден за да ги преземе историските чекори неопходни за постигнување мировен договор со Палестинците и за сеопфатен регионален мир“.

Обезбедувањето Израел да се брани од закани во регионот е камен-темелник на надворешната политика на САД и за демократските и за републиканските претседатели со децении.

Платформата на Демократската партија во 2020 година изрази „железна поддршка“ за Израел, но некои од левицата на партијата сега ја доведуваат во прашање посветеноста на американската помош.

Сенаторот Сандерс и другите демократи се обидоа да ја запрат планираната продажба на оружје прецизно насочено на Израел во вредност од 735 милиони долари.

Извор: ВВС
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот