X
 19.02.2024 Култура

Песна на Бајага крие голема грешка која нѐ збунуваше, но сега постои објаснување

На 30 јануари 1984 година излезе првиот албум на „Бајага и Инструктори“ со наслов „Позитивна географија“, кој оваа година го прослави својот 40-ти роденден.

Самиот албум влегува во историјата на домашниот рокенрол како еден од највпечатливите првенци, а содржи многу хитови кои се слушаат и денес. Тука се „Берлин“, „Лимене трубе“, „Пољуби ме“, „Папалине“, но и „Тамара“ која освен што е голем хит, секогаш ги збунува луѓето.

Имено, Бајага пее како ја чека својата Тамара во Москва на -26, но другите географски локации не одговараат на главниот град на Русија. Ги споменува и Нева и Ермитраж, но и театарот Бољшој, кои не се во истиот град.

Секако, како и многу пати подоцна, се послужи со послободно римување на стиховите, за песната едноставно да звучи подобро. Или толку замрзна додека ја чекаше Тамара, што не знаеше каде е.

- Кога ја правев „Тамара“, не бев во Русија. Направив еден куп фактографски грешки. Нева и Ермитаж се во Ленинград, а театарот Бољшој е во Москва. Русите не протестираа, ним им беше симпатично - изјави Бајага.

Во песната на руски се слуша женски глас, но тоа што таа го кажува не е нималку романтично, како што би одговарало на самата песна.

- Доктор Спира (еден од соработниците на Бајага) се сети дека треба да најдеме некоја девојка што ќе кажува нешто на руски, што било. Но, не можевме да најдеме некоја со добар акцент. Сите знаеја руски, но онака. Спира се сети дека секој ден на радио се кажува водостојот на руски. И ја снимивме девојката од радио како го чита водостојот на руски. Така, во „Тамара“ слушате дека Дунав е многу висок кај Бездан - вели Бајага.

Како бил создаден албумот „Позитивна географија“?


Првично издаден како соло-албум на Бајага, албумот подоцна беше вклучен во официјалната дискографија на „Бајага и Инструктори“ бидејќи Бајага го сними со музичарите со кои подоцна го оформи бендот.

Во 1998 година албумот беше на 37. место на листата со 100 најголеми југословенски рок и поп-албуми.

- Имав официјална работа во „Рибља чорба“, па за тој бенд морав да правам песни, па тука некако се опуштив. Потоа се појави Корнелие Бата Ковач. Со него работевме како продуценти на албумот „Музичари кои пију“ на „Чорба“. „Кад ходаш“ е една од песните направени во тоа студио, како демо-снимка, која му ја дадов на бендот „Рибља Чорба“. Бата беше продуцент, аранжер и личноста што најмногу ми помогна во почетоците на мојата кариера - раскажува Бајага.

„Рибља чорба“ во одреден момент го замоли Бајага да се посвети на бендот повеќе и да оди на турнеја со нив. Бајага имаше закажано одмор, но и свирки со „Инструктори“, па затоа пукнале работите.

„Позитивна географија“ е сè уште еден од најживописните албуми и најмалку претенциозното деби во историјата на домашниот рокенрол. Овие песни сè уште звучат забавно како што звучеа во јануари 1984 година.


Извор: 6yka.com
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура