X
 19.02.2024 Наша тема

„Среќен сум кога по операција, пациентот ќе ја напушти интензивната единица во стабилна состојба“, вели Борко Иванов, успешен кардиохирург во Германија

Најголем дел од работната недела го поминувам во оперирање - преостанатите денови ги поминувам во амбуланта, на оддели и следење на пациентите на интензивна нега. Еден ден може да содржи една или неколку операции и потенцијално да потрае до 12 часа, понекогаш дури и ноќе, споделува Борко

Борко Иванов е специјалист кардиохирург кој својата кариера успешно ја гради во Германија. Германската апробација ја стекнал во 2013 година на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Минстер. Неговата кариера се одвивала во повеќе институции - во Поликлиниката Идадија во Скопје, каде што имал можност да ја учи интерната медицина како теоретски така и клинички, благодарение на неговиот татко, на Клиниката за торако-васкуларна хирургија во Вирзбург и IPPNW Берлин (Research Fellow), Клиниката за кардиоторакална хирургија на Универзитетот во Ахен, Клиниката за кардиоторакална хирургија на Универзитетот во Келн.

Келн е совршен за доедукација

Образованието го започнал на Медицинскиот факултет при „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

- Кариерните почетоци ми беа во Поликлиниката Идадија во Скопје, каде што имав можност да ја учам интерната медицина, како теоретски така и клинички, благодарение на мојот татко. Со помош на дисциплина, упорност и храброст, или скратено ДУХ успеав да изградам успешна кариера како кардиохирург. Тоа е всушност и моето животно мото - ни сподели Борко.



Конкурирал на Универзитетската клиника во Келн и бил примен, па така почнала неговата успешна приказна во Келн.

- Во Кардиоваскуларниот центар во Келн имав извонредна можност за истражување со цел промоција, што ми го отвори патот за хабилитација, но исто така и широкото портфолио на хируршки техники што ги нуди центарот беше од голема предност. Клиниката поседува специјалистички оддел за интензивна нега со вкупно 24 места за вентилација за исклучиво кардиоторакални пациенти. Постојат и посебни изолациони единици за пациенти со трансплантација на срце. Над 2.200 операции се вршат во клиниката секоја година. Најсовремената технологија е достапна во операционите сали, вклучително и хибридна операциона сала. Клиниката, исто така, работи со сопствена лабораторија за клинички и експериментални истражувања. Сето тоа го прави Келн атрактивен за доедукација - вели Борко Иванов.

Обврзани сме да бидеме на повик

Тој моментално работи на приватната клиника на Хелиос во Зигбург.

- Одговорен сум примарно за пациентите што се со терминална срцева слабост, на кои им е потребна механичка циркулаторна потпора на срцето, но исто така го водам истражувачкиот сектор. Најголем дел од работната недела поминувам во оперирање - преостанатите денови ги поминувам во амбуланта, на оддели и следење пациенти на интензивна нега. Еден ден може да содржи една или неколку операции и потенцијално да потрае до 12 часа, понекогаш дури и ноќе. И покрај тоа што повеќето операции се однапред резервирани и не се итни, обврзани сме да бидеме на повик надвор од работното време и за време на викендите. Поради природата на работата, посветеноста на дежурство е исклучително голема во кардиоторакалната хирургија - подвлекува нашиот соговорник.

Работата во Германија и целото искуство на клиниките го научиле на здраво расудување, способност за работа со тим, решавање сложени проблеми под голем стрес, подготвеност за преземање одговорност и став на љубопитност кон комплексните случаи.



- Хирурзите често мора да донесуваат животни одлуки со ограничени информации, потпирајќи се на нивното искуство, инстинкти и нивната моќ за расудување за да одлучат најдобро во дадени околности. Ова вклучува детално познавање на физиологијата на кардиореспираторниот систем, способност за читање сложени и необични КТ-скенови и други радиолошки информации. Освен потребните вештини што ќе ги стекнете за време на специјализацијата, како што се високиот степен на рачна умешност и одличната визуелно-просторна свест, од витално значење e способноста за размислување и планирање во три димензии. Исто така, ќе треба да покажете физичка издржливост и емоционална отпорност за да се справите со барањата на операцијата, како и способност да останете смирени во стресни ситуации. Кардиоторакалната хирургија е многу динамична и треба постојано да се следат ситуациите во развој, со што евентуално би се предвиделе проблемите - објаснува Иванов.

Работата е неверојатно наградувачка

Во текот на последните години има значителен напредок во развојот и усвојувањето на минимално инвазивни техники во кардиохирургијата, па следниот период Иванов би се фокусирал на тоа и би сакал да се надгради во тој дел. На прашањето кои се неговите најголеми успеси, тој одговори:

- Семејството е најголем благослов и успех во животот и не е дефинирано само според презимето или гените, туку по посветеноста. На професионален план, среќен сум кога по операција, пациентот ќе ја напушти интензивната единица во стабилна состојба. И покрај тоа што е едно од најпредизвикувачките полиња на хирургијата, ние сметаме дека работата е неверојатно наградувачка бидејќи често гледаме резултати од неа - посочува Борко Иванов.



Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема