Милијардерите имаат повеќе од сè во споредба со просечниот човек, дури и емисии на јаглерод диоксид. Според анализа на британската конфедерација на организации „Оксфам“, еден милијардер произведува милион пати повеќе емисии на штетни гасови отколку просечниот човек.
Анализата била спроведена на 125 милијардери во светот и нивните инвестиции во индустрии кои загадуваат, како фосилните горива и цементот.
Овие 125 милијардери заедно испуштаат 393 милиони тони јаглерод диоксид годишно, што е милион пати повеќе од просечниот жител на планетата. Овие милијардери испуштаат повеќе емисии на јаглероден диоксид преку инвестиции од цели земји, како Франција, Египет и Аргентина.
- Големата и растечка одговорност на богатите луѓе за вкупните емисии ретко се дискутира или зема предвид во донесувањето одлуки за климата. Ова мора да се смени. Овие милијардерски инвеститори на врвот на корпоративната пирамида имаат огромна одговорност за уништувањето на климата. Тие предолго бегаат од одговорноста - изјавила Нафкоти Даби од „Оксфам“.
Според неа, милијардерите произведуваат илјадници пати повеќе емисии на јаглерод диоксид од просечниот човек со честото користење приватни авиони и јахти, а доколку се погледнат и нивните инвестиции, нивните емисии на штетни гасови се милион пати поголеми отколку на просечниот човек.
Таа советува оданочување на најбогатите лица и воведување мерки со кои ќе се забранат инвестиции во индустрии кои загадуваат.
Извор:
Luxury launches
Насловна фотографија: Pixabay