X
 19.04.2018 Живот

Повеќе од 95 отсто од населението на Земјата дишат опасно загаден воздух

Повеќе од 95 отсто од светската популација дишат опасно загаден воздух, а населението што живее во земјите во развој има значително поголем ризик, соочувајќи се со двојно полош и небезбеден воздух и во домовите и надвор.

загадување
Фото: AFP

Кризата за квалитетот на воздухот доби многу поголемо внимание со оглед на тоа што загадувањето на воздухот денес е подобро квантифицирано. Загадувањето на воздухот е одговорно за 6,1 милиони смртни случаи во 2016 година, со најголемо учество на загадувањето на околината со 4,1 милиони смртни случаи, покажува истражувањето спроведено од Институтот за здравствени ефекти.

Проблемот станува многу полош бидејќи населението на Земјата се урбанизира со голема брзина. Се проценува дека глобалните смртни случаи поврзани со загадувањето на воздухот се зголемени за 19,5 отсто, од 3,3 милиони во 1990 година.

Тоа значи дека загадувањето на воздухот стана четврта највисока причина за смрт од сите здравствени ризици, а го надмина и ризикот на висок крвен притисок, лошата исхрана и пушењето.

Истражувачите користеле нова технологија, вклучувајќи и сателитски податоци за следење на високото ниво на загадувањето, за да го оценат влијанието на загадувањето на воздухот низ целиот свет.

Загадувањето на воздухот е комплексна мешавина на честички и гасови што се разликува од регион до регион, меѓутоа, честичките (PM 2.5) се мерка што се користи како главен показател за нивоата на загадување.

Извештајот покажува дека околу 7 милијарди луѓе, односно 95 отсто од населението на Земјата, живеат во области каде што честичките ги надминуваат насоките за квалитет на воздухот дадени од Светската здравствена организација. Исто така, 60 отсто од населението живеат на места каде што честичките ги надминуваат строгите таргети на СЗО за квалитетен воздух.

Проблемот е најголем во Азија, со Индија и Кина со најголем број смртни случаи од загадувањето на воздухот (51 отсто). Истражувањето вклучува студии за идентификување на главните извори на загадувањето на воздухот во овие две земји.

Истражувачите откриле дека во Кина, јагленот во индустријата, за електрична енергија и греење во домаќинствата, е најголем фактор во загадувањето на воздухот, по што следуваат транспортот, горењето на цврстото гориво, индустријата за јаглен и отвореното горење на земјоделското земјиште.

Во Индија најголем дел од изворот на загадување на воздухот е од биомасата што ја горат домаќинствата, проследено со горењето на јаглен.

Извештајот одделно ги проценува нивоата и влијанијата на загадувањето на воздухот во домаќинствата и укажува дека повеќе од една третина од населението на планетата е изложено на загадување каде што ситните честички ги надминуваат насоките за квалитетен воздух повеќе од 20 пати.

И покрај мрачната слика, загадувањето на воздухот во Кина почна да опаѓа во последниве години, откако владата се обидува да се справи со согорувањето на јаглен. За разлика од Кина, Пакистан, Бангладеш и Индија го забележаа највисокото ниво на загадување на воздухот од 2010 година.

„Загадувањето на воздухот зема огромен број жртви во светот. Им го отежнува дишењето на оние што имаат респираторни заболувања, ги испраќа младите и старите во болница и придонесува за предвремена смрт“, изјави Боб О’Киф, потпретседател на ХЕИ.

„Трендовите за кои известуваме покажуваат вистински напредок во некои делови од светот, но остануваат сериозни последици од овој проблем“, додава тој.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот