X
 19.03.2020 Живот

Психолошкото советувалиште на УКЛО почна со телефонски советувања за студентите и вработените

Психолошкото советувалиште на УКЛО почна со телефонски советувања за студентите и вработените. Во рамките на мерките на Универзитетот за справување со коронавирусот овозможена е секојдневна телефонска психолошка поддршка.

Според стручниот тим од ова советувалиште, психологот, проф д-р Драгана Батиќ и вишиот предавач д-р Гордана Ристевска-Димитровска, специјалист психијатар, студентите од УКЛО, особено оние што имаат некои психички манифестации на страв или паника, анксиозност или кое било друго чувство во врска со вирусот, заслужуваат да бидат сослушани и да добијат соодветна психолошка поддршка.

Кај студентите оваа новина доби многу позитивен прием, за што сведочи и изјавата на претседателот на УСС, Дона Петрова: „Секоја поддршка за студентите во состојба каква што е постојната е добредојдена, особено затоа што здравјето, како што вели и СЗО, е состојба на целосна физичка, психичка и социјална благосостојба. На овој начин, акцентот со оваа можност се става на психичката компонента на здравјето, што е особено корисно и значајно за младите луѓе. Студентите и членовите на УСС од УКЛО посебно ги радува тоа што идејата за воведување телефонската поддршка од Психолошкото советувалиште на УКЛО произлезе и од нив самите, а се реализира во соработка со професорките од УКЛО кои се дел од стручниот тим.. Концептот се вообличи во посебен информативен плакат и е достапен и промовиран на социјалните мрежи“.

Проф. д-р Драгана Батиќ, која воедно е член на Комората на психолози, истакна дека веднаш, по објавувањето на мерките на Владата за превенција и ширење на болеста Ковид-19, Психолошкото советувалиште на УКЛО, кое функционира близу две години, ја приспособи својата работа на новонастанатата ситуација, непозната за сите нас, несекојдневна и вознемирувачка и од тие причини, редовните активности се заменија со телефонско контактирање за психолошка поддршка како соодветен одговор на мерките за справување со пандемијата.

1

Професорката Батиќ потенцира дека oваа ситуација е кризна од повеќе причини: постои можност да се разболиме ние или нашите блиски, ни се прекина животната рутина (секојдневните обврски), ни се прекинуваат физичките контакти и мораме да седиме дома. Ваквата ситуација е нова за сите нас и вклучува неизвесност која може да создаде чувство на анксиозност, страв, паника. Во тие моменти добро е студентите да имаат психолошка поддршка, да се обратат до стручно лице (психолог, психијатар). Со оглед на тоа што советувалиште за студенти веќе постои, сметавме дека и во овие услови треба да продолжи во согласност со сегашната ситуација. Сакаме студентите да ги поттикнеме да се грижат за себе, да не се заплашуваат така што ќе читаат неселективно и ги впиваат сите информации (потребни и непотребни) што само ја зголемува паниката, да се опуштат, да вежбаат, да прават тоа што им причинува задоволство и да учат, бидејќи тоа ќе им ги одврати мислите што продуцираат страв. Во оваа ситуација е неопходно да се биде активен затоа што активноста и структурираното време ќе го намалат стресот. Стресот во овие околности е всушност „нормална реакција на ненормална ситуација“, така што, кога е во прашање коронавирусот, не можеме да го исклучиме, но затоа можеме да го контролираме. За тоа постојат многу начини, техники на длабока релаксација, вежбање, дишење и сл. Битно е стресот да се препознае и да се контролира. Значајно е студентите да знаат дека не се сами, дека ние, и како професионалци за ментално здравје и како нивни професори, сме тука да им дадеме подршка и да ги охрабриме за полесно да ја превладаат оваа ситуација“.

Стручниот тим составен од двете професорки на УКЛО упати благодарност до студентите кои се понудија да го дизајнираат и приспособат информативниот Плакат за новиот начин на работа на Психолошкото советувалиште преку телефонска поддршка.

Инаку, Психолошкото советувалиште на УКЛО е воедно и прво од ваков вид во државата и пред година и половина започна со работа во две единици на универзитетот: Факултет за безбедност-Скопје и Високата медицинска школа во Битола како единици во кои имаше услови за оваа дејност, бидејќи во секоја од нив предава професорка која е и психолог/психијатар и која може да ја организира работата во советувалиштето. Психолошко советувалиште првенствено е наменето за студентите со цел да им дава помош во совладување на тешкотиите при снаоѓање во средината во која живеат/дејствуваат - семејството, факултетот и општеството воопшто, како и во успешното остварување на емоционалните и социјалните односи и сопствената индивидуалност и самостојност. Неговиот видоизменет и проширен начин на работа наиде на пофалби од страна на јавноста поради професионалниот, навремен и одговорен пристап на советувалиштето како одговор на УКЛО на новонастанатата вонредна ситуација предизвикана од пандемијата со Ковид -19.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот