X
 19.04.2018 Образование

Што ни порача Европската комисија за образованието?

Во извештајот за напредокот на Македонија пишува дека голем дел од препораките од 2016 година не се имплементирани

Македонија следната година ќе треба да обрне внимание на неколку клучни проблеми во образованието. Во Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија во делот на образование се препорачува имплементација на новата стратегиска рамка за образование, да се зголеми поддршката за тренинг на наставници, нивен професионален развој и за ефективен процес на оценување. Потребно е и подобрување на пристапот до квалитетно образование за сите, особено за запишување во претшколско образование, за децата со попреченост во развојот и децата од ромската заедница.

- Европската Унија поддржува соработка во образованието и културата преку финансирање програми и преку отворениот метод на координација. Земјите-членки, исто така, мора да спречат дискриминација и да обезбедат квалитетно образование за сите деца, вклучително и за оние од ранливи групи и оние на мигранти од ЕУ. Земјата е умерено подготвена во оваа област. Има одреден напредок со усвојувањето на Сеопфатната стратегија за образованието 2018-2025 – пишува во извештајот.




Таму е нотирано дека голем дел од препораките од 2016 година не се имплементирани.
- Нивото на јавното трошење на образованието, 3,8 отсто од БДП во 2016 година, е намалено во споредба со претходните години. Малиот број деца што се запишуваат во претшколска сѐ уште претставува грижа. Само 23,6 отсто од децата посетувале лиценцирани претшколски институции. Претшколското образование сѐ уште е со недоволно ресурси. Потребни се значителни подобрувања на квалитетот и на испораката на основното и средното образование – пишува во извештајот.

Квалитетот - предизвик во сите нивоа на образование

Експертите од Европската комисија го фалат Министерството за образование и наука поради усвојувањето нова Сеопфатна стратегија за образованието 2018-2025 со акциски план во февруари 2018 година. Во извештајот пишува дека Министерството, исто така, направило Прирачник за развој на нови квалификации за Националната рамка на квалификации. Во повисокото образование процентот на ученици што се запишале се зголемил на 34,2 отсто. Сепак, степенот на оние што го завршуваат е низок, се вели во извештајот.

- Квалитетот на образованието продолжува да биде предизвик на сите нивоа. Според Програмата за меѓународно оценување на учениците (ПИСА) на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), земјата е на четврто место гледано оддолу нагоре меѓу повеќе од 70 тестирани земји. Земјата се обврза на учество во ПИСА 2018. Образованието сѐ уште е под ризик од корупција и политичко влијание – ни порачува Европската комисија.

Во однос на стручната обука и образованието на возрасни (ВЕТ), 113 нови стручни профили и 69 нови стандарди за квалификациите се развиени и усвоени за приближување до потребите на пазарот на трудот.
- Останува потребата од повисоко ниво на практична пракса базирана на работа во програмите за стручно образование и пракса, како и многу повисоко ниво на вклученост на работодавците во образованието и праксата. Квалитетот на програмите за стручната обука и образование на возрасни и на квалификациите треба дополнително да биде зајакнат за да ги охрабри работодавците да вклучат поголем број дипломци од ВЕТ во програмата – пишува во извештајот.

Во извештајот се забележува и на односот кон децата и учениците со попреченост во развојот и оние од ромската заедница бидејќи сѐ уште се соочуваат со пречки при доаѓањето до редовно и квалитетно образование и пракса. Пофалби имаме за Еразмус+ програмата.
- Земјата продолжува активно да учествува во Еразмус+ програмата на иста основа како и другите земји-членки. Нивоата на мобилност се добри со 340 размени годишно, но не е регистрирано учество на институции од повисокото образование во акцијата за градење на капацитетот на повисокото образование.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование