X
 19.04.2018 Култура

Словенија воведува интернет во секое село


Словенија смета дека интернетот е „универзално право“, па одлучи да воведе пристап до интернет во секое село во државата, со што стана шестата европска земја што го воведува ова право.

Секое село во Словенија ќе добие право на приклучок до широкопојасен интернет со минимална брзина на пренос на податоци од 10 мегабити во секунда, а правото ќе почне да се остварува до крајот на јуни оваа година, објави во вторникот словенската државна Агенција за телекомуникациски услуги. Правото за приклучување на широкопојасниот интернет првпат ќе биде вклучено на листата со „универзални“ комуникациски услуги кои мора да бидат достапни за секој краен корисник.


Лаптоп и таблет на растурена маса
(Фото: Pixabay)


Со ова правото на брз пристап до интернет ќе се стави во пакетот права на основни комуникациски услуги, како што се правото за приклучување на фиксната телефонска мрежа или правото на телефонска говорница во секоја населба. Универзалната комуникациска услуга претставува минимална кошница на комуникациски услуги која мора да биде достапна за сите корисници во секој дел од земјата, а моментално е врз база на договор кој трае до крајот на идната година, а го реализира државната компанија „Телеком Словенија“.

Новата одлука на Агенцијата со која правото на брз пристап до интернет се вклучува на листата со минимално гарантирани комуникациски услуги в петок ќе биде објавена во службен весник, а треба да почне да се реализира најдоцна до крајот на јуни годинава, објави во вторникот мариборскиот дневен весник „Вечер“. Со оглед на тоа што понудувачот на универзалната комуникациска услуга на право за приклучок до широкопојасен интернет ќе може сам да го избира начинот на кој ќе им ја обезбедува таа услуга на корисниците кои досега немале пристап поради технички ограничувања или специфични локации, тој ќе може да одлучи да им ја обезбедува услугата преку фиксен, мобилен, хибриден или сателитски пренос, а за вложените средства ќе има право на поврат, односно субвенции од страна на државата.

Се проценува дека во Словенија, и покрај развиената можност за пристап до интернет на населението, сè уште постојат околу 4.600 семејства, дисперзирани низ целата држава, кои не можат да добијат интернет на комерцијална основа. Со оваа одлука Словенија станува шестата земја во Европа што правото на брз пристап до интернет го воведува како универзално човеково право, наведува мариборскиот весник.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура