X
 25.05.2022 Наша тема

Фросина Трајкоска уште студира, а веќе доби награда за најдобар финансиски аналитичар од „Сиера“ во Словенија

Факултетот нуди слободен пристап до сите печатени или електронски материјали и бесплатно изнајмување книги од сите библиотеки во Љубљана. Професорите и асистентите се секогаш достапни. Студиите се бесплатни, а студентите имаат право на субвенционирана храна и можност за студентска работа, вели Трајкоска

Фросина Трајкоска студира на Економскиот факултет во Љубљана, насока Меѓународна економија. Моментално е на завршна година од додипломските студии. Воедно работи и како финансиски аналитичар со статус на студент во австриската финансиска куќа „Сиера“, со подружница во Љубљана, каде што неодамна доби признание за најдобар финансиски аналитичар со покажани врвни резултати во определен краток период. Нејзините амбиции не застануваат тука, таа сака понатамошното знаење и работното искуство да ги прошири на меѓународно ниво.

Студиите се бесплатни во Љубљана

Зошто ја избравте Љубљана за додипломски студии?

- Студиите ги започнав на словенечки јазик, што ми овозможи интензивно да го научам јазикот за многу кратко време. Но, во втора година продолжив на англиски јазик за да можам да следам предавања не само од професори од Словенија, туку и од светски рангирани професори од различни универзитети, и да го проширувам своето знаење во областа на меѓународната економија.
Мојот факултет нуди слободен пристап до сите видови печатени или електронски материјали. Во соработка со сите библиотеки во Љубљана, дополнително имаме можност за бесплатно изнајмување книги и користење на нивните простории. Покрај тоа, професорите и асистентите се секогаш достапни и полни со ентузијазам да помогнат. Честопати се случува доцна во ноќта да испратам е-пошта во врска со моите студентски задачи и веднаш да добијам одговор.
Моето образование сакав да го продолжам надвор од Македонија со цел да добијам подобар квалитет на образование. Разгледував многу можности во Европа, но Љубљана и Универзитетот во Љубљана нудеа идеални услови за студентски живот и додипломски студии. Иако е мала, Љубљана е зелената престолнина на Европа, каде што возењето велосипед е најголемиот тренд, дури и за професорите. Дополнително, студиите се бесплатни, Универзитетот е високо рангиран, студентите имаат право на субвенционирана храна и можност за студентска работа. Покрај тоа, секоја година се организираат различни настани за поврзување на студенти и идеи.

Најмлад победник со најкратко работно искуство



Работите како финансиски аналитичар со статус на студент во реномирана финансиска австриска куќа? Какви искуства собравте таму?

- Почнав како финансиски приправник, потоа бев унапредена на позиција финансиски аналитичар. Работам во финансиската куќа „Сиера“, која соработува со сите банки, осигурителни компании, како и голем број адвокатски канцеларии. Најголемиот дел од дејностите што ги извршуваме се поврзани со двете големи австриски компании „SafeLife“ и „Grazer Wechselseitige Versicherung“ (позната како GRAWE). Мојата улога како финансиски аналитичар е придобивање податоци, анализа на резултати и организација на проекти, со цел да се зголеми профитот и да се оптимизираат трошоците на нашата клиентела. Работата се состои од секојдневни предизвици кои нѐ мотивираат да дојдеме до најдобро решение.
Покрај работата, имаме и голем број различни активности кои помагаат за градење тимски дух, на пример, деловни вечери, патувања, предавања и семинари кои дополнително нè стимулираат константно да го надградуваме нашето знаење. Моето искуство од оваа работа ми овозможува практично да го применувам целото теоретско знаење што го добивам на факултет, но и секојдневно ме надополнува со нови практични вештини.

Неодамна добивте награда за најдобар финансиски аналитичар...

Австриската компанија „Safe Life“, која всушност својата подружница во Словенија ја има под водство на финансиската куќа „Сиера“, секоја година објавува конкурс за најуспешниот поединец, кој во одреден временски период постигнал најуспешна анализа на тековните случувања на берзите врз кои ќе се извршат понатамошни инвестиции. Наградата е златен часовник со гравирано име и презиме на победникот. Во 30 години успешна работа на „Сиера“, мојот часовник беше осми по ред, издвојувајќи ме како најмладиот победник досега, воедно со најкратко работно искуство.

Константно стекнувам нови знаења



Што Ве издвои од другите колеги? Кои се Вашите најсилни адути?


- Упорноста, дефинитивно. Сметам дека сум упорна личност и тоа ми помага полесно да ги постигнам моите цели. Голема улога игра и љубовта кон тоа што го работам и создавам. Но, благодарност и до моите професори и асистенти, кои беа одлични ментори и ме охрабрија да продолжам напред.
Најголем дел од моето знаење стекнав на Економскиот факултет во Љубљана, кое го надградив со шестмесечни студии на Универзитетот CORVINUS во Будимпешта, Унгарија, минатата година преку програмата Еразмус+. Голем дел од искуството за тимска работа стекнав преку групните проектни задачи на факултет, за кои бев одговорна и назначена за водич. Покрај тоа, константно стекнувам ново знаење и искуства како тутор за странски студенти на Економскиот факултет во Љубљана, со кои секогаш разменуваме идеи и дискутираме на различни прашања од областа на економијата.

Кои се Вашите задачи како финансиски аналитичар... Како изгледа Вашиот работен ден?

- Работниот ден ми започнува со преглед на промените на берзите во текот на ноќта, на кои ние како финансиска куќа сме активни. Преглед на веќе активни инвестиции, осигурувања, кредити и финансиски лизинг се едни од основните задачи со кои се соочувам секој работен ден. Нашата главна цел е да согледаме дали на пазарот постојат подобри можности што би ги покриле истите барања на клиентите, но со поприфатлива цена. Најчесто се тоа клиенти кои имаат потреба од финансиски совети за инвестиции во иднина, различни видови здравствени осигурувања или недвижности. Покрај работата со клиенти, преостанатиот дел од времето го посветувам на анализа на трендовите во индустријата и подготвувам препораки за потенцијални соработници на финансиската куќа.



Кои се Вашите следни амбиции, во која насока сакате да се надградувате?

- Моментално го подготвувам последниот испит од додипломските студии. Оваа година во октомври ќе ги почнам моите магистерски студии на истиот факултет, но на насоката Финансии. Во текот на моите додипломски студии сфатив дека моите интереси растат во правецот на клучните случувања во финансиската област, пред сѐ, затоа што финансиите се крвотокот на секој бизнис и клучен фактор за напредок. Своето понатамошно знаење и работно искуство би сакала да ги проширам на меѓународно ниво, Словенија е само почетна дестинација за остварување на моите амбиции.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема