Од 300 евра нагоре е сместувањето во соба во приватен стан, уште толку се потребни за храна, 20 евра за месечна автобуска карта, нема партиципации, но студентот мора да има 5.000 евра на сметка или родителите да дадат изјава дека ќе го финансираат.
Месечниот трошок за еден македонски студент во Словенија чини од 600 до 700 евра. Нашите студенти таму, според потпишаниот протокол меѓу министерствата за образование на двете држави, не плаќаат никакви партиципации, за разлика од Македонија каде што семестар ги чини 100 до 200 евра. Изнајмувањето соба заедно со режиските трошоци е од 300 евра нагоре, трошоци за храна од 200 до 300 евра со многубројни попусти и исхрана по студентски мензи, месечна карта за автобуски превоз 20 евра...
Според овие цени, за кои ни посведочија родители на студенти, нема многу голема разлика со издатокот што го плаќаат студентите од внатрешноста на Македонија што студираат во Скопје. Затоа не е чудно што Словенија секоја година ни зема сѐ повеќе македонски студенти, и тоа голем број од нив многу солидни. Факултети.мк, повикувајќи се на податоци со кои располага Македонската студентска организација во Словенија, деновиве објави дека пред 20 години таму имало само 48 македонски студенти, а лани 1.516.
40 евра за административни трошоци при упис и 60 за студентска виза
- Студирањето е бесплатно, нашите студенти не плаќаат партиципација. Се плаќа само околу 40 евра за административни трошоци и за студентска виза на годишно ниво 60 евра, плус 25 до 30 евра за преводите што ги правевме на свидетелства, дипломи, пасош и други потребни документи при апликацијата, како и за заверки на нотар. Студентот мора да има на сметка 5.000 евра за годишно да бидат покриени неговите трошоци или изјава од родителите дека ќе го финансираат неговото студирање – вели Марија Ѓуровска од Скопје, мајка на студент во Марибор, Словенија.
Таа ни објасни дека бруцошите ретко добиваат место во државен студентски дом, па мора изнајмат приватни станови.
- Сместувањето во соба во приватен стан чини околу 300 евра во Марибор, а секако е поскапо во Љубљана или на крајбрежјето, во Копар. Исто така, и храната е многу поскапена, но даваат бонови за студенти кои важат за сите 30 дена во месецот, дури и за викенди, а имаат и мензи каде што за 5 до 6 евра може да се добие квалитетен оброк - вели Ѓуровска.
Патување од Македонија до Словенија во еден правец чини 70 евра
Месечна студентска карта за сите градски и приградски линии е 17 евра. Сепак, овие студенти не можат често да патуваат за Македонија со оглед на оддалеченоста и цената на автобускиот билет, која во еден правец е 70 евра. Но, дел од нашите студенти патуваат со автомобили, па се организираат да им се придуржат и други патници, а сепак цената останува иста како автобуската карта.
Македонските студенти и нивните родители се изненадени од функционалноста на факултетите. Велат дека уште при уписите сѐ се одвивало електронски, со што биле ослободени од патувања дотаму и дополнителни трошоци. Исто така, задоволни се и од љубезноста на вработените и организираноста на високообразовните институции.
- Сѐ што е направено кај нив функционира преку интернет. Цела комуникација беше преку е-пораки до првиот академски час. Студентот добива агент и тој цело време го води низ процесот. Секаде имаат линкови, веб-страници. На првиот час студентите добија брошури во кои има линкови каде да се обратат за книги, бонови и други информации - вели Ѓуровска.
Цените во големите маркети се изедначуваат со нашите
Битолчанка Николина Т., чија ќерка студира на Архитектонскиот факултет во Љубљана, вели дека пред три години кога се запишала, разликата во цените тука и таму била драстична, но сега постепено се изедначуваат.
- Цените на производите по маркетите беа двојно повисоки отколку кај нас, а сега ако се набавува храна во хипермаркети, цените се приближно исти. Во Македонија има големи поскапувања, па почнавме да ги стигнуваме европските цени. Разликата на одредени производи е 80 денари, на пример, на мелено и пилешко месо, а свинското е поевтино отколку кај нас. Цените на лимоните, компирите и на други зеленчуци се исти како тука - вели битолчанката.
Студентите немаат секогаш време да готват, но можат да користат субвенции за храна со ваучери кои овозможуваат попуст од 2,69 евра за оброк во студентски мензи и ресторани.
Уште во средно учат словенечки за да заминат
Она што е важно за македонските студенти да можат полесно да се снајдат во Словенија е познавањето на словенечкиот јазик.
- Средношколците што планираат да заминат во Словенија уште од втора година почнуваат да земаат приватни часови по словенечки јазик. Некои по матурирањето земаат тримесечен интензивен курс, кој чини 6.000 денари, односно по 2.000 денари месечно за да го совладаат почетното ниво - вели Николина.
Ако до пред дваесет години Бугарија беше мека за македонските студенти поради евтините студии и достапноста на факултетите, денес тоа е Словенија бидејќи нуди европски просперитет, квалитетните студиски програми и добро организирани универзитети.
Фото: приватна архива