Меѓу Словенија и Хрватска има многу несогласувања, а сега на повидок е уште едно. Станува збор за временската зона бидејќи Европската Унија од 2021 година најверојатно ќе ги укине зимското и летното сметање на времето.
Имено, од словенечкото министерство за инфраструктура најавуваат дека Словенците се блиску до тоа да се одлучат за зимско сметање на времето. Оттаму објаснија дека станува збор за задржување на зимскиот, односно средноевропскиот систем за сметање на времето (GMT +1), на кој моментално му припаѓаат и сите словенечки соседи.
Словенечката одлука сè уште не е конечна бидејќи во тек е советување меѓу земјите од регионот со намера соседните земји меѓусебно да се координираат и да изберат заедничка временска зона. Но, иако Словенците испратиле дописи до сите соседни земји со неколку прашања поврзани со нивните размислувања за временската зона на која би сакале да ѝ припаднат, засега, како што велат тие, од никаде не им стасал одговор.
Одговор немa ни од Хрватска, а неофицијални информации од тамошното министерство за сообраќај, море и инфраструктура велат дека таа институција не ни добила допис од Словенија. Освен тоа, неофицијалниот став е дека Хрватите се понаклонети кон летното сметање на времето, најмногу поради тоа што овој систем повеќе го засега туризмот.
- Сè уште немаме никакви официјални консултации со министерството за туризам, но неофицијалните пораки се дека повеќе би ни одговарал летниот систем. Сега темава баш и не ни беше во фокусот, но можно е да заговараме спротивно од она што очигледно го заговараат нашите соседи Словенци - истакнале од хрватското министерство за сообраќај за
„Јутарњи“.
Како што летното сметање на времето наводно би било добро за хрватскиот туризам, така и Словенците имаат еднаков аргумент бидејќи таа земја е позната по зимските туристички програми, здравствениот и велнес-туризмот.
Препораката на Европскиот парламент е соседните земји да се договорат за различните временски зони за да не предизвикаат тешкотии. Ако не најдат заеднички јазик, од ЕП најверојатно ќе го проценуваат изборот на секоја членка посебно.
Словенците беа меѓу првите во регионот што се заложија за зимско сметање на времето, но се подготвени да преговараат и велат дека ако ЕУ и соседите сакаат летно сметање на времето, и тие ќе расправаат за поддршка на таа одлука.
Но, Хрватите не се брзаат да донесат одлука и тамошните власти велат дека првин сакаат да спроведат анкета, што не се знае ни колку голема важност ќе има. Во Словенија, пак, според анкетите, 56 отсто од населението се за летното сметање на времето, додека за зимското се 36 отсто.
Ако на крајот се одлучува во согласност со мнозинството, важно е да се напомене дека Унгарците досега заговараа летно сметање на времето, исто како и Австријците.
Сепак, на крајот не е исклучена можноста Хрватска и Словенија да бидат разделени и со временска граница. Но, останува да видиме.