X
 19.04.2021 Живот

Долината во која се забранети селфињата: „Тоа е нашиот дом, а не убава инстаграм-заднина“

Алжир е најголемата држава во Африка. Нејзиниот разновиден пејзаж вклучува високи планини, пеколни пустини и древни римски руини. Сахара покрива околу четири петтини од земјата, а на северниот дел од пустината со векови опстојуваат пет утврдени града во долината М'Заб.

Познати како Пентаполис, овие пет утврдени града се: Ел-Атеуф, кој е најстар и основан во 1012 година, Мелика, Бунура, светиот град Бени-Исгуен, како и Гардаја, главната населба и комерцијален центар на целата долина М'Заб.

Пред 40 години М'Заб се најде на листата со културно наследство на УНЕСКО поради својата препознатлива култура и архитектура.

- Уникатната комбинација на домородното население од Северна Африка и исламската вера го прави ова место толку посебно. Не постои такво нешто на друго место, ниту во Алжир ниту во остатокот од светот - вели локалниот водич Калед Мегнин.

- Неверојатно е како нивното општество растело во толку негостољубива клима. Токму затоа овие луѓе многу ја ценат својата култура. Тие преживеале 1.000 години, иако имале мали шанси за тоа. За да преживееш во пустина, твојата сила треба да доаѓа од единството - додава тој.

Мозабити, полуномадски народ со свој посебен јазик, ги основале градовите во долината каде што сега живеат над 360.000 луѓе.

Селфи-фотографиите не се дозволени


Логично е ваквата реткост да ги привлекува туристите, но интересно е тоа што постои регулатива која предвидува сите посетители, вклучително и Алжирците, да можат да влегуваат во градовите на М'Заб само во придружба на локален водич. Со цел да се избегне масовен туризам, во долината има мал број сместувачки капацитети. Притоа е забрането да се користат мобилни телефони и да се прават селфиња.

- Не го доживуваме тоа како работа, туку како должност. Сакаме да ги заштитиме овие градови и начинот на живот што се одвива во нив - вели Мегнин.

Употребата на тутун е забранета во историските центри поради религиозни причини, а некои од другите забрани се: селфи-фотографии, носење непристојни фустани и користење мобилни телефони.

- Ние сме многу љубезни и посетителите се добредојдени, но ги замолуваме да го почитуваат нашиот начин на живот. Тоа е нашиот дом, а не само убава заднина за објава на „Инстаграм“. Не сакаме M'Заб да се претвори во „Дизниленд“ во Сахара - објаснува Мегнинг.

Во долината има повеќе од 100.000 палми, кои имаат статус на свети дрвја и забрането е да се сечат ако се здрави.

- Во М'Заб е незамисливо да се убие палма. Тоа е грев исто како да се убие човек - вели Мегнин.

Извор: B92.net
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот