19.04.2021
Живот
Главниот координативен кризен штаб го поддржува предлогот рестриктивните мерки да продолжат уште една недела
Главниот координативен кризен штаб на денешната седница ги разгледуваше предлозите пристигнати од Комисијата за заразни болести и врз основа на нив предлага на наредната седница на Владата да се усвои одлука со која постојните мерки, кои се со важност до 20 април 2021 година (вторник), да продолжат да се применуваат до 27 април 2021 година (вторник), пишува во соопштението од Генералниот секретаријат.
Во случај на потврдување на трендот на опаѓање, Главниот координативен штаб ќе ја разгледа можноста за предлог за намалување на рестрикциите, исклучиво во случај на континуитет во падот на бројот на заразени и бројот на хоспитализирани лица и тоа конкретно за:
- периодот од 27 април 2021 година (вторник), заклучно со 15 мај 2021 година (сабота), да се отворат угостителските објекти за работа со посетители/гости во отворениот дел од угостителскиот објект (само летни тераси, градини, а не во затворениот дел);
- забраната и посебниот режим на движење да почнува од 21:00 часот до 05:00 часот наредниот ден;
- да ги разгледа можностите при намалување на рестриктивните мерки да се дозволи организирање на спортски тренинзи организирани од страна на фитнес центри/клубови на отворен простор (наместо во затворена спортска вежбалница/сала);
- други мерки во зависност од епидемиолошките текови и состојби во државата.
Наведените предлог-мерки на Комисијата за заразни болести ќе се разгледуваат исклучиво доколку се задржат трендовите на опаѓање на бројките на новозаразени и хоспитализирани лица, за што клучно е почитувањето на личните мерки за заштита од Ковид-19 и активните протоколи за функционирање во услови на Ковид-19.