Националниот ансамбл за македонски народни игри и песни „Танец“, вечерва во 20 часот, во Националната опера и балет ќе го одржи традиционалниот голем велигденски концерт. На гала-концертот ќе биде изведена атрактивна игроорна и вокално-инструментална програма од различни региони на земјата, на кои се создавало македонското фолклорно богатство.
Со учество на целиот ансамбл, на концертот ќе можат да се проследат одушевувачки кореографски постановки како „Малешевка“, „Сретсело“, „Копачија“ и други бисери од богатата вокално-инструментална ризница.
Овој концерт е само најава за особено динамичната меѓународна сезона на „Танец“, која ќе почне во мај со гостувањето во Канада и Америка. Во рамките на новата концертна сезона насловена „Печат на времето“, „Танец“ годинава одржа серија концерти низ земјава, и тоа во Делчево, Радовиш, Свети Николе, Пробиштип и Кичево, како и во Скопје, на јубилејното издание на фестивалот за македонско музичко творештво „Денови на македонска музика“.
Фото: ФБ-страница на „Танец“