X
 19.05.2017 Култура

Земјата која доцни два часа зад Европа

Кога зборуваме за Шпанците, обично сметаме на општоприфатениот факт дека тие секогаш и секаде доцнат и дека на секое барање одговараат со „мањана“, што во превод значи, утре.

Вистина е дека Шпанците почнуваат со работа подоцна од другите, а навечер излегуваат по 22 часот, но тоа не е последица на „јужничкиот“ темперамент,  туку на сосема друга причина...

Туристите се убедени дека Шпанците едноставно имаат таква природа и дека ноќниот живот за нив почнува подоцна, а најчесто тоа го објаснуваат со нивната жешка, медитеранска животна енергија. Сепак, вистинската причина лежи во фактот што Шпанците, повеќе од 70 години живеат во погрешна временска зона.

Ако ги погледнете географските карти, според логика на нештата, часовникот  во Шпанија би требало да го покажува истото време како и во Велика Британија, Португалија или Мароко, кои го сметаат времето според  Гринич. Но, часовникот во Шпанија го покажува истото време како и во Скопје или Белград (Централното Европско Време) што се оддалечени од Мадрид околу 2.000 километри.

Во 1940 година, тогашниот сојузник на Хитлер, шпанскиот диктатор и генерал, Франциско Франко, ја променил временската зона, поместувајќи го часовникот за еден час нанапред, во знак на солидарност со нацистичка Германија.  Шпанците, во тоа време опустошени од последиците од суровата граѓанска војна, промената речиси и не ја констатирале. По завршувањето на Втората светска војна, стрелките од часовникот едноставно, не се вратиле наназад.

Минатата година, премиерот Маријано Рахој го отворил прашањето за усогласување на часовникот според Гринич, со оглед  што работното време во Шпанија обично трае до 20 часот. Тоа покрена „лавина“ од коментари, а против таа идеја се дигнале сите лица кои работат во туристичката индустрија. Имено, час нанапред би значело дека сонцето ќе изгрева и заоѓа подоцна, а туристите и тоа како уживаат во сонцето, кое на шпанските плажи го има дури до 22 часот.

Од друга страна, за остатокот од населението, идејата за враќање на часовникот им изгледа сосема прифатлива, бидејќи сметаат дека така ќе добијат многу поголем дел од денот. Класичниот шпански работен ден започнува во 9 часот, по што следи пауза од 14 до 16 часот. Потоа вработените се враќаат на своите работни места, каде што остануваат до 20 часот, па затоа и социјалниот живот навечер им започнува дури по 22 часот.

 Изгревањето на сонцето подоцна е поголем проблем во зимскиот период, особено во Галиција, на северот од земјата, каде сонцето изгрева по 9 часот наутро, што значи дека работниот ден го започнуваат во темнина. Дали Шпанците наскоро ќе го вратат часовникот наназад, или сепак ќе се задржат на средноевропското време, тоа ќе го покаже единствено – времето.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура