Мино Раиола е роден во јужна Италија, но уште како дете со неговото семејство се преселил во Холандија. Играл фудбал, но за брзо време сфатил дека нема да има некоја голема кариера, па после завршувањето на училиштето за правници тој основал менаџерска агенција и започнал да ги застапува фудбалерите. Уште како млад бил вреден и работел во семејниот ресторан како келнер. Воглавно, со своите способности изградил статус на еден од двајцата најуспешни фудбалерски менаџери во светот, а другиот е Хорхе Мендез.
Кога Златан Ибрахимовиќ барал агент, тој се обратил кај еден пријател за помош. Пријателот прво го споменал менаџерот на Бекам, па додал:
- Постои уште еден тип, но...
- Но што? - рекол Златан.
- Тој е „мафиосо“.
- „Мафиосо“ е ок - бил одговорот на Ибрахимовиќ.
„Човекот не беше „мафиосо“. Само така изгледаше и така се однесуваше. Неговото име беше Мино Раиола“, напишал Златан во неговата биографија.
Раиола му станал агент и пријател и му пронашол бројни ангажмани. Се грижел и за останатите негови штитеници, и на Паул Погба му овозможил рекорден трансфер од Јувентус во Манчестер Јунајтед. После тоа, за 9 милиони евра купил вила во Мајами, која некогаш била во сопствеништво на познатиот мафијаш Ал Капоне.
Мино Раиола зборува седум јазици (италијански, англиски, германски, шпански, француски, португалски и холандски), а освен Ибрахимовиќ, Погба и Донарума застапува и други познати фдбалери како Ромело Лукаку, Хенрик Маркетијан, Максвел, Матуиди, Балотели...
Автор: Горан Чучин-Машанскер