Експертите велат дека ако сакаме да бидеме во најдобра позиција за да постигнеме успех, треба да му пријдеме од сите агли: ментално, психолошки и емоционално.
„
Форбс“ пишува дека најуспешните луѓе имаат редовни дневни рутини, а некои од нив се спротивни на она што сметаме дека треба да го правиме за да постигнеме успех.
Поранешниот директор за сила и кондиција на њујоршките „Јенки“, со кои работел 12 сезони, Денa Кавалеа, претставил некои навики на успешните играчи што би требало да се практикуваат.
Тие работат попаметно, а не повеќе од другите.
Многумина од нас веруваат дека најдобриот пат до успехот е напорната работа. Но, тоа не мора секогаш да биде така. Кавалеа вели дека некои момчиња што последни доаѓаат на терен, а први заминуваат, повторно се многу успешни. Премногу часа работа и вежбање може да доведат до „прегорување“. Одморот и закрепнувањето се важни за успех, така што треба да го намалите дневното оптоварување. „Успехот е маратон, а не спринт“, вели Кавалеа.
Работат кога се на врвот.
Дознајте кога сте најефективни, најмногу фокусирани, најкреативни и кога имате најмногу енергија, па организирајте ја вашата работа во согласност со тоа. Ова подразбира дека ги познавате сопствените граници.
Тие се постојани.
Најдобрите играчи се постојани. Тие не бараат нешто ново секоја седмица, го знаат својот талент и него го тренираат. Кавалеа вели дека ако сакате да бидете успешни, би требало да пронајдете една вештина и да бидете дисциплинирани да ја развиете до професионализам. Работете на тоа неколку часа дневно, и со текот на времето многу ќе напредувате.
Имаат круг на луѓе што ги поддржуваат.
Оние што се на врвот знаат дека е многу тешко да се успее во нешто ако си сам. Многу повеќе може да се постигне кога имаш тим луѓе што те поддржуваат. Мудро изберете го својот тим, вклучете професионалци и луѓе кои ќе можат да ве „подигнат кога ќе паднете“.
Тие веруваат дека можат нешто да постигнат.
Сите ја знаат изреката - мораш да веруваш пред нешто да постигнеш. Науката потврдува дека верувањето во себе и уверувањето дека можете да го постигнете тоа што го посакувате ги зголемува шансите тоа да се постигне во реалноста. Кавалеа ја препорачува книгата „Моќта на позитивното мислење“ од Норман Винсент Пил, како извор за надградба за размислите за успех.
Физички тренираат.
Состојбата на свеста е само еден дел од сложувалката, но мора да се грижите и за вашето тело. Кавалеа вели дека секојдневно треба да се испотите за да ја зацврстите вашата навика за победа. Потта ќе ја промени вашата состојба. Кога се потите, создавате поголема мотивација. Освен физичките вежби, исто така клучни се и ралаксирачките терапии. Тој препорачува солени бањи, акупунктура, студени бањи и топлина за ублажување на стресот и напнатоста.
Оставаат време за рекреација.
Создавањето простор во вашиот распоред за рекреација и слободно време ќе ви помогне да ја надоместите вашата креативност и вештините за решавање проблеми и ќе ја поддржи вашата емоционална благосостојба. Работете во работното време, а потоа наградете се со активности во кои најмногу уживате – тоа ќе ви помогне да останете мотивирани.