Кој било успешен извршен директор ќе каже дека луѓето што ги вработува се клучни за успехот на неговата компанија. Кои се врвните карактеристики што менаџерите треба да ги бараат и како ги забележуваат кај еден кандидат?
Според Илон Маск, овие карактеристики не се поврзани со тоа во кое училиште сте учеле или нивото на образование што го имате.
- Нема потреба кандидатот да има високо образование, дури ни средно образование - изјави Маск во интервју во 2014 година.
Наместо тоа, Маск бара докази за исклучителна способност кога станува збор за вработувањето.
- Ако има евиденција на исклучително постигнување, тогаш голема е веројатноста да продолжи и во иднина - вели тој.
Проблемот е во тоа што секој може да каже дека е најдобар во она што го работи, па тешко е, ако не и невозможно, да се знае дали кандидатот ја кажува вистината.
За среќа, Маск
споделува како тој открива дали кандидатот лаже. Тој го прашува секој кандидат што го интервјуира едно исто прашање: - Кажи ми за некои од најтешките проблеми на кои си наишол и како си ги решил.
Со оглед на тоа што луѓето што навистина решиле одреден проблем знаат како го решиле, тие знаат и можат да го опишат до детали.
Методот на Маск се потпира на идејата дека некој што дава лажно тврдење нема можност убедливо да го поддржи, па затоа Маск сака да ги слушне кандидатите како зборуваат за решавањето на проблемот на кој работеле, чекор по чекор.
Стратегијата на Маск е ефективна, откриваат истражувањата
Истражување направено во декември минатата година откри неколку пристапи за откривање лажговци засновани на техника за интервју за работа што ја поддржува ефективноста на она што Маск го правел со години.
Една таква техника, наречена „Асиметрично управување со информации“, е дизајнирана за да му обезбеди на испитаникот јасни средства за да ја покаже својата невиност или вина пред истражителите преку обезбедување детални информации.
- Деталите се крвотокот на форензичките истраги и можат на истражителите да им обезбедат факти за да ги проверат и сведоци што би можеле да ги испрашуваат - пишува Коди Портер, еден од авторите на истражувањето и виш соработник на Универзитетот во Портсмут.
Таа додава дека интервјуерите треба да им дадат јасни упатства на интервјуираните дека ако дадат подолги, подетални изјави за настан од интерес, тогаш истражувачот ќе може подобро да открие дали ја кажуваат вистината или лажат.
Портер и нејзиниот тим откриле дека оние што ја кажуваат вистината обично сакаат да ја покажат својата невиност и најчесто даваат подетални информации како одговор на ваквите упатства.
- За разлика од нив, лажговците сакаат да ја сокријат својата вина. Ова значи дека постои поголема веројатност тие стратешки да задржуваат информации. Нивната претпоставка тука е дека обезбедувањето повеќе информации ќе му олесни на истражителот да ја открие нивната лага, па наместо тоа, тие даваат помалку информации - објаснува Портер.
Ако сакате работа, кажете ја вистината што е можно подетално
Истражувањето откри дека користењето на техниката „Асиметрично управување со информации“ може да ја зголеми веројатноста за откривање лажговци за речиси 70 отсто. Тоа е добра вест за Маск и други менаџери за вработување кои ја прифатиле оваа стратегија поддржана од науката.
Како што рече Маск во едно интервју, она што тој навистина сака да го знае е дали некој кандидат навистина го решил проблемот за кој тврди дека го решил.
- И, секако, сакате да бидете сигурни дали има некои значајни достигнувања, дали бил навистина одговорен или некој друг бил одговорен. Обично некој што навистина морал да се избори со проблемот ги знае деталите и не ги заборава - вели Маск.
На крајот на краиштата, никој не сака да вработи некој што зборува, а не работи.
Извор:
CNBC
Фото:
Instagram