X
 19.06.2019

Глобален натпревар ќе ви овозможи да именувате новооткриена планета

По повод 100-годишнината, Меѓународната астрономска унија со седиште во Париз организира глобален натпревар што ќе ѝ овозможи на секоја земја во светот да именува одредена егзопланета и нејзината ѕвезда-домаќин.

Повеќе од 70 земји веќе се регистрираа за организирање национални кампањи што ќе ѝ овозможат на јавноста да гласа за име за егзопланета. Целта на оваа иницијатива е да се создаде свест за нашето место во вселената и да се размисли за тоа како Земјата потенцијално би можела да се перципира од цивилизација на друга планета.

Ова е вторпат во историјата натпреварот да резултира со именување ѕвезди и егзопланети. По првата кампања наречена „NameExoWorlds“ со која се именуваа 31 егзопланета во 19 планетарни системи во 2015 година, Меѓународната астрономска унија сега ѝ нуди на секоја земја во светот шанса да именува еден планетарен систем, што се состои од планета и негова ѕвезда-домаќин. Унијата е орган одговорен за назначување официјални ознаки и имиња на небесните тела.

натпревар

Претходно правилото велеше дека човек мора да открие нова планета за да може да ја именува.

Бројот на откриени егзопланети значително се зголеми и ќе продолжи да се зголемува бидејќи се подобрува технологијата потребна за нивно откривање. Само оваа недела НАСА објави дека потврдила 4.000 егзопланети.

- Постојат 4.003 светови за кои знаеме дека орбитираат околу другите ѕвезди во нашата галаксија - изјави д-р Џеи Кристијансен.

- Овој возбудлив настан ги повикува сите од целиот свет да размислат за нивното колективно место во универзумот, додека истовремено ги стимулираат креативноста и глобалното граѓанство. Иницијативата „NameExoWorlds“ нè потсетува дека сите живееме заедно под едно небо - додава таа.

Натпреварот ќе трае од јуни до ноември оваа година. По конечната потврда од страна на комитетот, резултатите ќе бидат објавени во декември. Победничките имиња ќе се користат слободно во рамките на научната заедница, со должно внимание на луѓето што ги предложија.

Ако вашата земја сè уште не организирала натпревар, а вие сте дел од научна или невладина организација заинтересирана за спроведување на овој натпревар, има време да го организирате. За да го направите тоа, испратете краток предлог до Меѓународната астрономска унија преку овој формулар до 30 јули 2019 година. Комитетот ќе го разгледа вашиот предлог и ќе одговори со одлука.

Кое име би го предложиле вие? Еве неколку примери:

Галифреј од „Доктор Ху“, Магартеа од „Автостоперски водич низ галаксијата“, Сети Алфа VI од „Ѕвездени патеки“, Алдреан од „Војна на ѕвездите“, LV-426 oд „Вонземјани“...
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk