Ново видео прикажува оргомна егзопланета 12 пати поголема од масата на Јупитер, која орбитира околу својата ѕвезда во период од 17 години. Интересно е тоа што овој возбудлив временски период е намален на само 10 секунди.
Тајмлепс-видеото е направено од вистински податоци кои покажуваат како егзопланетата Бета Пикторис б орбитира околу својата ѕвезда. Снимката опфаќа 17 години, околу 75 отсто од нејзината орбита, помеѓу 2003 и 2020 година, во 10 секунди, што го прави најдолгиот тајмлепс на егзопланета досега.
- Потребни ни се уште шест години податоци пред да можеме да видиме една цела орбита. Речиси сме таму. Трпението е клучно - вели Џејсон Ванг, астрофизичар од Северозападниот универзитет, кој ја водел работата.
Бетa Пикторис б, пронајдена во соѕвездието Пиктор на околу 63 светлосни години од Земјата, е ѕвер од планета со маса 12 пати поголема од Јупитер. Нејзината ѕвезда Бета Пикторис, околу која орбитира на околу 10 пати од растојанието Земја-Сонце, е 1,75 пати поголема од Сонцето. Таа исто така е многу млада, околу 20-26 милиони години и е околу 8,7 пати посветла од нашата ѕвезда.
Како што забележува Ванг, понекогаш физиката и равенките може да се чувствуваат многу апстрактно, а графиконите не се секогаш инспиративни, но да гледате филм со свои очи за нешто што се случува во вселената е неверојатно и секако вреди 10 секунди од вашето време.