X
 19.07.2017 Култура

Овие занимања ќе бидат најбарани во 2030 година

Со оглед на тоа што живееме во време на забрзани промени, не треба да нѐ зачудуваат многубројните истражувања што се обидуваат да ги предвидат идните занимања и работни места. Едно такво истражување направила организацијата The Canadian scholarship trust plan, која во соработка со футуролозите и стручните лица издвоила триесетина работни места што би можеле да се бараат во 2030 година. Некои од тие занимања постојат и денес, но многу повеќе се оние што звучат како да произлегле од научнофантастичен роман.

Издвојуваме неколку интересни футуристички занимања заедно со описи за тоа што точно подразбираат тие:

Урбан фармер. Се претпоставува дека во блиска иднина луѓето повеќе ќе внимаваат на исхраната и на потеклото на производите, а како последица на тоа би можело да заживее земјоделството во градските средини. Меѓутоа, занимавањето со земјоделство во урбано опкружување е тешка мисија, најмногу поради ограничениот простор. Решението лежи во градските фарми, односно големите земјоделски проекти во рамките на висококатниците! Станува збор за т.н. вертикални фарми, а за нив би можеле да се грижат урбани фармери. Притоа тие ќе мора да имаат стручно знаење за искористување на сончевата енергија, осветлување на просторот, водоводни системи, одгледување билки во стакларници и слично.

Советник за роботи. Според прогнозите, во 2030 година роботите ќе бидат нешто вообичаено и ќе играат голема улога во секојдневниот живот. Меѓутоа, ќе бидат прилично скапи. Најдобрите модели можеби ќе имаат цена на просечен автомобил, па новите сопственици ќе имаат потреба од стручна помош при одбирањето соодветен роботски помошник. Тука на сцена стапуваат советниците за роботи, кои ќе им помагаат на луѓето да одберат вистинска вредност за парите. Изборот на вистински робот ќе биде посебно важен кога ќе се купуваат со цел да се грижат за постарите членови во семејството. 

Стручно лице за поедноставување. Денешниот свет е комплексен, па сосема е логично да се очекува дека организациските системи и работи во некои идни времиња ќе станат уште посложени. Стручните лица за поедноставување притоа ќе имаат задача да ги поедноставуваат сложените административни чекори во работните операции, а ќе мораат и добро да разбираат социологија и човечка психологија, но и да бидат креативни и вешти со броеви. 

Гамификациски дизајнер. Гамификација е процес при кој логиката на игрите се користи за постигнување цели и решавање проблеми во некоја организација. Поедноставно кажано, станува збор за учење низ игра, но во светот на возрасните. Техниката на гамификација или игрификација се користи и денес, а сосема е сигурно дека во иднина ќе добие уште поголемо значење, што би можело да резултира со појава на занимања како што е гамификациски дизајнер. Неговата задача е да ја комбинира логиката на игрите со секојдневните активности, случувања, производи и услуги, сѐ со цел луѓето да научат нови вештини или да пребродат одредени пречки. Основна претпоставка е дека луѓето усвојуваат подобри навики и стануваат помотивирани кога сложените или досадните активности ќе попримат особини на игра.

Дизајнер на отпад. Како што прогнозираат од Canadian scholarship, во 2030 година ќе биде вообичаен еден нов вид на рециклирање што отпадот ќе го претвора во употребливи производи. На пример, стара четка за заби би можела да стане белезица, а хартиените производи - чергичиња или садови за билки. Дизајнерот на отпад притоа на креативен начин ќе размислува како од ѓубрето да направи нешто ново и корисно.

Ремиксер на медиуми.
Денес имаме диџеи и виџеи, но до 2030 година тие би можеле да „еволуираат“ во уметници кои ќе комбинираат различни медиуми за да произведат сосема нови производи и искуства за корисниците. Во описот на работното место „ремиксер на медиуми“ е користење видеозаписи, музика, звуци, слики и проширена реалност со цел создавање иновативни маркетиншки кампањи, едукациски алати, уметнички инсталации или разни други забавни содржини.

Терапевт за крајот на животот. Денешните трендови ни зборуваат дека во иднината сосема сигурно населението ќе има подолг животен век, со оглед на тоа што просечното траење на човечкиот живот се продолжува со напредокот на медицината и науката. Продолжувањето на животниот век би можело да создаде потреба за посебен вид терапевти кои ќе им помагаат на постарите луѓе во планирањето на последните години од животот. Според предвидувањата, во 2030 година тоа би можело да стане вообичаено како што денес луѓето си го планираат животот во пензија. „Терапевтите за крајот на животот“ ќе даваат совети за правните аспекти што следуваат со длабоката старост, ќе им овозможуваат психолошка поддршка, па дури и ќе им помагаат на семејствата полесно да го пребродат заминувањето на најстарите членови. 
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура