Државјанството на земја која е членка на Европската Унија носи многу поволности. Според податоците, во 2021 година 827.000 луѓе добиле државјанство на земја во ЕУ, зголемување за 14 отсто во споредба со 2020 година. Околу 85 отсто од овие државјани претходно биле жители на земја која не била членка на ЕУ. Најголем дел од новите државјани се од Мароко, Сирија и Албанија, според официјалните податоци.
Доколку се прашувате колку долго треба да живеете во некоја земја во ЕУ пред да може да аплицирате за државјанство по основа на натурализација, во продолжение се одговорите.
Австрија
Странски жител може да добие државјанство доколку живее 30 години во земјата. Периодот може да биде скратен на 15 во случај кога лицето може да покаже дека успешно се интегрирало во државата на лично и на професионално ниво.
Белгија
Жителите постари од 18 години мора да живеат во Белгија најмалку пет години за да побараат државјанство.
Бугарија
Во Бугарија се бара престој од пет години за да се оствари право за државјанство за странци.
Хрватска
Во Хрватска е потребно да живеете барем осум години во земјата за да барате државјанство.
Кипар
Оваа островска земја нуди државјанство на оние странци што легално престојувале во земјата барем седум години. Периодот се скратува на пет доколку сте родител или дете на жител.
Чешка
Оваа земја овозможува барање државјанство по само петгодишен постојан престој во државата. Граѓаните на ЕУ може да добијат државјанство по само три години престој.
Данска
Странците во Данска треба да живеат барем девет години пред да може да се пријават за државјанство.
Естонија
Странците што живеат во Естонија барем осум години може да бараат државјанство.
Финска
Финското државјанство им се доделува на странците што живееле во земјата барем пет години.
Франција
Според француските закони, странците може да аплицираат за државјанство по престој од пет години во земјата.
Германија
Германија доделува државјанства на странски жители доколку тие живееле во земјата барем осум години. Периодот може да биде скратен на седум години доколку се помине курс за интеграција.
Грција
Лицата на возраст над 18 години може да добијат грчко државјанство доколку живеат во земјата барем седум години или доколку докажат дека имале легален престој во земјата барем пет години.
Фото: Pixabay
Унгарија
Унгарија бара престој од осум години за кандидатите за државјанство. Оние што почнале да живеат во земјата пред да наполнат 18 години може да добијат државјанство по само пет години.
Исланд
Странците може да аплицираат за исландско државјанство доколку легално живееле на Исланд барем седум години.
Ирска
Ирска бара од странците да докажат дека легално живееле на територијата на земјата барем пет години.
Италија
Италија бара од странците да живеат барем десет години во земјата пред да може да аплицираат за државјанство.
Летонија
Лицата на возраст над 15 години може да добијат државјанство доколку живееле таму барем пет години.
Литванија
Литванското државјанство се добива по легален престој во земјата од барем десет години.
Малта
Државјанството по основа на натурализација во Малта може да се добие по престој од седум години во земјата.
Холандија
Странците во Холандија може да аплицираат за државјанство доколку живееле во државата барем пет години.
Норвешка
За да се добие државјанство на Норвешка, мора да престојувате во земјата најмалку осум години во последните 11 години.
Полска
Во Полска странците може да побараат државјанство по престој од само три години.
Португалија
Според португалските закони, државјанството по основа на натурализација во земјата може да се добие по престој од пет години.
Романија
За да добиете романско државјанство, мора да имате доказ дека сте живееле во земјата барем осум години.
Словачка
Странците што живееле во Словачка барем осум години може да побараат државјанство од земјата.
Словенија
Словенија бара престој од барем десет години, вклучително и постојан престој од пет години за да се добие државјанство. Овој период се скратува на седум години за оние што завршиле високо образование во земјата.
Шпанија
Шпанија бара од странците да живеат во земјата барем десет години за да побараат државјанство.
Шведска
Оние на возраст над 18 години мора да живеат најмалку пет години во Шведска за да побараат државјанство.
Швајцарија
Швајцарија бара престој од десет години за кандидатите за државјанство по основа на натурализација.
Извор:
Schengen visa info
Насловна фотографија: Pixabay