Нивните лични квалитети им донеле голем професионален успех. Денес тие се членови на менаџерски тимови и ги водат најуспешните компании во земјава. Ова се приказните на нашите успешни луѓе што ќе ги објавуваме во рубриката „По скалилата на успехот“. Факултети.мк и Едукативниот центар на „Пивара Скопје“ преку обуката „Вештини за успех“ ви го покажуваат патот до ѕвездите
Болката поради глувоста на родителите стана професионален пат кој го изодувам покорно зашто кога правиме за другите, правиме и за себе, вели Марија Башеска-Стојановска.
Марија Башеска-Стојановска е сертифициран толкувач на знаковен јазик. Сите ја препознаваат особено по нејзината долгогодишна работа во МРТ. Разговараме со Марија за нејзините почетоци, студентски денови, амбиции во младоста и нејзините актуелни предизвици.
- Со радост ме враќате во едно друго време кое остана зад мене, полно со спомени и искуства. По завршувањето на средното образование во Прилеп, градот каде што се родив и пораснав, патот ме одведе на студии во Скопје. Не бев сигурна во изборот на мојата идна професија, одлично ми одеше францускиот јазик, но еднакво ги сакав и природните науки. Свирам на гитара и сум музикална... Над сите афинитети, падна одлуката да се запишам на Природно-математичкиот факултет, одлучив да студирам Биологија, наставна насока. Конечниот избор го направив во консултација со мојот чичко Драги Башески, истакнат новинар и публицист кој ме советуваше и ми даваше квалитетни духовни насоки. Бев солиден студент и при крајот на студиите добив една друга можност која стана и моја професија - со спомени полни емоции го почнува разговорот Марија.
Како дете на глуви родители, одлично го владеам македонскиот знаковен јазик
- Бидејќи сум дете на глуви родители, одлично го владеам македонскиот знаковен јазик, кој е мое природно средство за комуникација не само со родителите, туку со сите глуви лица. Тогаш, непосредно пред дипломирањето на факултетот, мојот татко беше претседател на Националниот сојуз на глуви лица на Југославија, па потоа и на Македонија. Се наметна потребата да толкувам на состаноци и конференции. Тоа беше почеток на една друга работа која ме одведе во Македонската радио-телевизија. Во почетокот на 90-тите години се создаде програмски простор и за глувата популација кој опстојува до денес. Тоа е емисијата „Светот на тишината“, која е двојазична и децениски ги доби сите битки во медиумскиот простор. Така станав почетник – соработник толкувач на знаковен јазик во документарната програма на МТВ. Опкружена со врвни новинари, имав можност да учам, растев ѕиркајќи во сработените содржини на имиња кои оставија огромна ризница во архивите на МТВ. Но, би била себична ако не кажам дека кон нас, почетниците или хонорарците, се однесуваа со трпеливост и љубов. Знаеја многу внимателно да нѐ водат во тајните на документарните видеозаписи, не поштедувајќи нѐ од критика која секогаш беше добра за изградба и поука - ни споделува Марија.
И така, наместо професор по биологија, нејзиниот интерес запре пред камерите и светлата на МТВ до денес.
- Се разбира дека тој скок од една во друга професија бараше многу труд и учење, особено што од мене се бараше да бидам и новинар и толкувач на македонски знаковен јазик. Се редеа теми, соговорници кои слушаат или се глуви. Влегував во еден друг свет кој слуша со срце, кој е тука со нас, до нас, но поради глувоста, не може да биде виден и чуен. Првична, но и темелна поука во сѐ што правев беше под будното новинарско око на мојот чичко, кој веќе кажав беше новинар и одличен мотиватор да грабам на тој пат. Во исто време го усовршував македонскиот знаковен јазик посетувајќи ги сите семинари што ги одржуваа во Националниот сојуз на глуви и наглуви лица на Македонија - се присетува Марија.
Ги оправдав авторитетот и довербата што ми ги даде Македонската телевизија
Низ годините во нејзината работа како новинар и толкувач на македонски знаковен јазик се нижат документарни приказни црпени од животот на глувите луѓе, а интересот кај гледачите ѝ давал дополнителен мотив дека е на вистинскиот пат.
- Гледано од оваа временска дистанца, се восхитувам на храброста што ја имав да застанам и на цел глас да зборувам за една мала популација, свртувајќи го скапоценото внимание на јавноста - вели Марија.
По неколку години, на иницијатива на тогашниот тим во кој бил и режисерот Душко Атанасовски, се родила уште една специјализирана емисија „Нови видици“, која била посветена на сите други категории лица со попреченост.
- Среќававме многу приказни и човечки судбини кои секогаш на најдостоинствен начин се обидувавме да им ги принесеме на гледачите, а притоа умешноста беше да ја кажете вистината, а да не го сменат каналот. Оти знаете, секој човек има доволно проблеми за да го оптоварите со „туѓи состојби“. Монтажата беше место каде што се натпреварував со зрели телевизиски кадри, уживавме склопувајќи ги материјалите кои останаа да сведочат дека сме изградиле пат за реализација на еднакви можности и афирмација на сите во општеството.
Следуваа многу награди, меѓу кои би ја издвоила првата доделена како специјално признание од читателите на „Вечер“. Авторитетот и довербата што ми ги даде Македонската телевизија ги оправдав, давајќи насоки низ развојот на програмата која полека стануваше инклузивна - дополнува Марија.
Толкувала на многу конференции, конгреси, манифестации
По неколку години, во соработка со тогашниот Совет за радиодифузија, колегата Никола Момироски овозможил МРТ да го пренесува во живо првиот дуел на претседателските кандидати кој одел со симултан превод. Така, глувите гледачи првпат добиле можност да се информираат што ветуваат кандидатите, кои се нивните изборни ветувања и одлуката за кого да гласаат да ја донесат сами.
- Тоа беше маратонски ТВ-дуел меѓу Борис Трајковски и Тито Петковски и Бранко Црвенковски и Љубчо Ѓеоргиевски кој, без пауза, траеше четири часа. Памтам, по излегувањето од студио имав чувство дека задоволството од постигнатото ми се измеша со огромен физички напор. Како да бев во фитнес-сала и да вежбав со саати... На мое огромно задоволство, еден работен ден во редакцијата на документарната програма дојде режисерот Душко Атанасовски и ми остави сценарио напишано со молив, под наслов „Гласот на светлината“. Го прочитав во еден здив, ме обзеде радост дека на повидок е игран филм. Првпат сценариото ги раскажа сите вистински доживеани настани од терен со глувите и нивните семејства. Филмот беше награден на неколку филмски фестивали, а реткоста беше во тоа што во него глумеа глуви деца и тој беше билингвален. Достапен за секого. Во меѓувреме посетував многу семинари за знаковен јазик и надвор од Македонија, па така станав сертифициран толкувач не само кај нас во Македонија, туку полагав и се стекнав и со српски сертификат - со радост се присетува Марија.
Преведувала на многу конференции, конгреси, манифестации и стекнувала сојузници во многу делови на општеството. Многупати темите што ги обработувала задирале во нечии интереси.
Единствена цел: Глувите лица да имаат пристојно место во општеството
Најголемата поддршка ја наоѓала во своето семејство, кое имало духовни стандарди за животот.
- Мајка ми Елеонора и татко ми Милан беа секогаш тука за да ми посочат дали темата била разбрана, добро обработена и квалитетно преведена на знаковен јазик. Полека, но сигурно глувите лица станаа дел од програмата на МТВ во утринските емисии, училишната програма, во емисии од областа на културата... Сѐ уште ја имам истата порака во срцето, а таа е: „Човек може да слуша со срцето“. Верувам во Господ Исус Христос и му благодарам што ми даде сила да отпочнеме со превод на Библијата (Новиот завет) на македонски знаковен јазик за да можат и глувите лица христијани да растат во верата. Тоа се видеоматеријали кои поттикнаа многу глуви лица да станат будни во љубовта, верата и надежта... Низ сите години на новинарското дејствување бев движена и заштитена од силата Исусова и за тоа сум преблагодарна. Ме прашавте што остана нереализирано од списокот со желби. Веќе на почетокот реков дека свирам на гитара и многу сакав да студирам класична музика, но во тој период немаше таква насока на музичката академија во Скопје. А за подалеку не размислував оти сакав да бидам тука, до родителите. Се радував до последниот ден од нивното живеење бидејќи преку нив станав она што сум денес. Болката поради глувоста на родителите стана професионален пат кој го изодувам покорно, зашто кога правиме за другите, правиме и за себе. На многу музички манифестации отпеав и песни на знаковен јазик, предавав долги години знаковен јазик бидејќи бев член на комисијата за знаковен јазик во НСГНМ.
Моето си-ви бележи навистина многу реализирани проекти со една цел - глувите лица да имаат пристојно место во општеството. А оцената за сработеното ви ја оставам вам - завршува Башеска.
Фото: приватна архива