Лора веќе 10 години е толкувач на македонскиот знаковен јазик на Дневникот на регионалната телевизија ТВМ од Охрид
Лора Лазаревска е сертифициран толкувач на македонскиот знаковен јазик. Оваа млада жена е глас во светот на тишината на глувите и наглувите лица. За нив, таа е врската со надворешниот свет.
Кога имала 16 години, станала дел од охридското Здружение на глуви и наглуви лица, а веќе 10 години е толкувач на македонскиот знаковен јазик на Дневникот на регионалната телевизија ТВМ од Охрид.
Лазаревска веќе 10 години е толкувач на македонскиот знаковен јазик
Tаа им помага на овие лица во најразлични ситуации и ги информира за сѐ што се случува надвор од нивниот свет на тишината. Лора како знаковен толкувач на Дневникот на ТВМ, која е една од ретките телевизии во земјава што ги има препознаено потребите на глувите и наглувите лица од Охрид, има обезбедено посебен термин приспособен за овие гледачи.
- Една деценија го толкувам Дневникот, кој е приспособен за лицата со оштетен говор и слух. Тоа им значи многу на овие лица бидејќи на тој начин се информираат и едуцираат за настаните што се случуваат во нашето општество. Особено сум горда што можам да ги запознаам овие лица со многу информации што се случуваат на локално и државно ниво.
Во месецот на ретки болести - февруари, Лора Лазаревска секојдневно, во специјалниот термин за глуви и наглуви лица, со знаковниот јазик им ги пренесува сите важни информации за ретките болести во рамките на националната кампања „Ги запознаваме ретките болести“, чија цел е подигнување на јавната свест за ретките заболувања, а е во организација на Здружението за ретки болести „Живот со предизвици“. Овој проект е од посебна важност за овие лица бидејќи над 400 ретки болести имаат директно влијание врз оштетувањата на слухот и говорот.
Дел од членовите на Здружението на глуви и наглуви лица од Охрид
Лазаревска за себе вели дека е обична личност, сопруга и мајка на две прекрасни ќерки - Јована и Викторија. Во слободното време сака да чита белетристика и поезија, пишува за своја душа.
Родена кочанчанка, семејното гнездо го свила во Охрид, каде што денес живее и работи. Љубовта не познава препреки. Од случајна средба се родила љубов со нејзиниот сопруг Владо, кој е наглув. Таа раскажува како се случило да биде знаковен толкувач иако никогаш претходно не ни сонувала дека судбината ќе ѝ предодреди толку благородна професија - да внесува радост во животот на овие луѓе.
- Заедно со мојот сопруг многу често го посетував Сојузот за глуви и наглуви. Така спонтано се случи да се запознам со гестовниот јазик, а се роди и желбата да го научам и применувам. Знаковниот јазик го научив со помош на лицата со оштетен говор и слух. Тие ми ја дадоа основата, а подоцна посетував настава во домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“ во Скопје, каде што успешно ја завршив обуката. Потоа полагав пред Националната комисија на македонски знаковен јазик во Скопје и се стекнав со сертификат. Сега сум сертифициран толкувач на македонски знаковен јазик - вели таа.
Настан за денот на ретките болести
Лора вели дека ништо во животот не е случајно.
- Шеснаесет години сум дел од охридското Здружение за глуви и наглуви. Имав чест да бидам прифатена од нив од самиот почеток. До ден-денес тие ми се најголемата поддршка и мотивација да чекорам во животот и кога имам различни препреки, со еден збор - ние сме едно големо семејство.
Лора вели дека има благородна професија која е дар од Бога. Пресреќна е ако успее да помогне да се надмине јазичната бариера преку нејзината работа.
- Знаковниот јазик е многу интересен за учење. Доколку ве привлекува и имате желба да го научите, со труд и работа ќе ја постигнете целта. Македонскиот говорен јазик е проследен со македонскиот знаковен јазик. Како што ние користиме зборови за да комуницираме и да се разбираме, така кај нив е гестот, односно нивните раце се невербална комуникација.
Лазаревска раскажува и за тоа колку општествената заедница и поединците прават за потребите на лицата што имаат проблем со слухот и говорот.
- Не доволно, иако ние свесно или несвесно го користиме знаковниот јазик во најразлични ситуации за комуникација, на пример, во спортот, театарот, сообраќајната полиција итн.
Лазаревска и Славица Стефаноска, секретар на Здружението на глуви и наглуви лица, се единствените сертифицирани толкувачи на знаковен македонски јазик во Охрид. Тие им ги пренесуваат сите важни информации и им го прават полесен животот на овие луѓе, од кои околу 140 членуваат во охридското Здружение на глуви наглуви лица.
Желбата на Лазаревска е и понатаму да ја работи оваа благородна професија и да се надградува со нови знаења и што подобро да им помага на лицата со оштетен говор и слух, за тие што поквалитетно да живеат и да придонесуваат во општествената заедница.