300 метри под земја, во близина на босанскиот град Коњиц, се наоѓа скриениот бункер на Јосип Броз Тито. Претседателот на поранешна Југославија изградил бункер кој се чувал во најголема тајност - за неговото семејство и 350 од неговите најважни политички и воени соработници во случај на нуклеарна катастрофа.
- Планината Златар, која се наоѓа кај Коњиц, со децении ја чуваше најголемата државна воена тајна на поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија. По службена должност, за постоењето на бункерот знаеја само четворица команданти, покрај работниците кои беа внимателно избрани и мораа да потпишат договор за доверливост. Однадвор можете да видите само три куќи опкружени со природа, кои повеќе од 50 години ја чуваат тајната на најголемиот воен објект во поранешна Југославија. Објектот можел да послужи како заштита за 350 луѓе - откриваат луѓето што работат во бункерот на Тито, кој денес може да се разгледа, а се користи и за различни настани.
Бункерот бил изграден на таков начин што можел да издржи нуклеарен напад од 25 килотони - за споредба, Хирошима била уништена со атомска бомба неколку пати послаба, и чинел 4,6 милијарди американски долари, што би било повеќе од 26 милијарди денес и е трет најскап проект во поранешна Југославија. Во времето кога бил изграден, го добил кодното име Истанбул. Бункерот наликува на лавиринт, има повеќе од 100 соби и може да обезбеди мирен живот во период од шест месеци.
Воениот објект бил граден во тајност во период од 26 години, помеѓу 1953 и 1979 година за време на Студената војна и бил опремен со најмодерната технологија во тоа време. И денес можат да се забележат фиксни телефони, машини за пишување и друга позната комуникациска опрема од средината на минатиот век.
Бункерот изграден во форма на потковица се простира на 6.854 квадратни метри и се состои од три дела. Во првиот или камуфлажниот дел се наоѓаат надзорната резиденција, место за техничка поддршка и обезбедување. Потоа има метална врата дебела 1,20 метри и тунел кој води до центарот на атомското засолниште. Третиот дел се состои од противпожарен систем, клима-уред, простор за комуникација, складиште за вода и нафта и слично, како и простор за живеење изграден за Тито и Јованка.
Фото:
Wikipedia