Повеќето луѓе кај нас имаат создадено мислење за тоа како живеат хомосексуалците, а немаат сретнато ниеден. Лесно е да се мрази и омаловажува „различното“, невидливото и непознатото. Сепак, не верувам во тоа дека со зборови некој некому може да му смени мислење – вели режисерот на „Види ја ти неа“, краткиот филм кој доби награда на престижниот Санденс
Горан Столевски (фото: Joel Chamaa)
Многу падови и неуспеси му се случувале на Горан Столевски, македонски режисер кој две децении живее во Австралија, пред да го сними краткиот игран филм „Види ја ти неа“. Но, откако филмскиот свет го призна квалитетот на овој проект, му се подотворија вратите и за други филмови. Беше прогласен за најдобар краток филм на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола, на филмскиот фестивал Let’s CEE во Виена, освои Гран при на фестивал за кратки играни и документарни филмови во Белград, а ја освои и наградата за најдобар краток интернационален филм на најголемиот фестивал за независен филм „Санденс“ во САД.
Живеејќи на релација Бристол-Тетово, во периодот од 2015 до 2017 година Столевски се трудел да создаде филмски проекти во двете држави. Почнала соработката со „Скопје филм студио“ и „Црна мачка“ од Скопје и во тие околности се родил „Види ја ти неа“.
- Роден сум во Тетово. Таму и пораснав, учев основно итн. Во 1997 година, на 12-годишна возраст, со моите се преселивме во Мелбурн.
Но, и потоа речиси секој распуст го поминував во Македонија. Затоа и англиски уште зборувам со акцент. Но, смешно е што сега веќе и на македонски имам чуден акцент (можеби бидејќи, сепак, тетовскиот е мојот прв јазик). Од повеќе погледи од 1997 наваму сум третиран како странец и во Македонија и во Австралија, што е иронично. Но, од креативен поглед и тоа носи некакви неочекувани предности, па во никој случај не би сакал да се жалам – вели тој.
Филмското образование го стекнал во Мелбурн на престижниот Викторијански колеџ на уметностите. И таму го примиле после четвртиот обид.
„Види ја ти неа“ гордо „гази“ по светски фестивали. Дури и во најубавиот Ваш сон, дали додека се раѓаше приказната Ви мирисаше на успех?
- Ни најмалку. Всушност, последниве две години целосно ги доживувам како некаква халуцинација. Во февруари 2016 година, додека (на брзина, за три дена) го пишував сценариото за „Види ја ти неа“, подолго време веќе редев неуспеси. Мислам дека тој период ми беше најниската точка во кариерата, која ја започнав во 2002. Веќе бев одбиен од речиси секој конкурс и фестивал во речиси секоја држава низ светот, стотици пати, а за работни ангажмани да не правиме муабет. Иако и тогаш немав никаква намера да се откажам од пишувањето сценарија - веќе подолго време ми беше срам пред луѓето себеси да се наречам сценарист или режисер.
Но, неколку месеци подоцна се случи чудо и добив награда за најдобар режисер на фестивал во Сиднеј. Следниот месец стекнавме финансиска поддршка за „Види ја ти неа“. И животот ми се смени.
Горан Столевски (фото: Joel Chamaa)
Санденс е сон на секој уметник посветен на независните филмови. Какво искуство беше за Вас?
- Повторно ќе се вратам на зборот халуцинација. Фестивали како Санденс и Кан отсекогаш ми изгледаа сосема недостижни. Планот беше да се потрудам да создадам некаква кариера без наивно да замислувам такви фантазии, така што двете недели во Санденс ми поминаа буквално како во сон. А и бидејќи имав време да спијам по околу два часа на ден.
Неколку кратки филма веќе се зад Вас. На повидок ли е првиот долгометражен филм?
- Ех, тој прв долгометражен филм го „бркам“ веќе деценија и кусур. Моментално паралелно соработувам со продуценти на четири различни мои долгометражни сценарија. Сите се подготвени за снимање, само ни е потребна финансиска поддршка. Ајде да видиме.
Имате ли планови за соработка со уметници и продуценти од Македонија?
- Апсолутно. Соработката со Томи Салковски, „Скопје филм студио“ и „Црна мачка“ секако продолжува на неколку проекти истовремено. На дискусии со продукциски куќи во Америка, Австралија, Франција и во Британија со месеци отворено велам дека јас повеќе нема да снимам филм на кој било јазик без глумицата Сара Климоска и кинематограферот Наум Доксевски.
Плус, сѐ повеќе ми недостига целата екипа од „Види ја ти неа“ – Кате Грубач, Нина Неделковска и многу други. Ќе мора да се најде некој начин сите пак да се составиме за некој филм.
Од снимањето на „Види ја ти неа“ (фото: Димитар Минов)
Колку е тешко или лесно во Австралија млад човек да најде пари за да сними филм? Има ли филмски фонд/агенција што помага?
- Не е ни најмалку лесно. Филмски фондови и агенции постојат, и помагаат, но за секој индивидуален грант се борат буквално стотици апликанти. Како за 25-милионска држава, филмската индустрија е прилично мала. Се снимаат по околу 30 долгометражни филма годишно – половина од нив со недоволен „микробуџет“, обично со нечија кредитна картичка.
Секоја година филмските колеџи и академии произведуваат најмалку 300 нови таленти со диплома. Од нив, би рекол дека 5-10 успеваат да се пробијат во индустријата и тоа обично по десет години дополнителен труд и не секогаш во своето одбрано поле на струка. Само за пример, лани добив награда да снимам краток филм со поддршка од компанијата „Лексус“ во Сиднеј. Таква награда добија вкупно четворица режисери од повеќе од 350 апликанти. И тоа е само за краток филм. Многу млади режисери не можеа ниту да аплицираат. Секој апликант мораше да пополни високи услови – да докаже успешна филмографија со неколку веќе снимени кратки филмови само за да влезе во конкуренција.
За апликации за долгометражен филм, условите се уште построги, а како дебитант се наоѓаш во конкуренција со оскаровци. Па за нови австралиски режисери да се пробијат во овие околности, потребни се не само труд и талент, туку и огромна снаодливост, дисциплина, натчовечко трпение и многу, многу, многу, многу години.
Живеете во земја која пред нецела година ги одобри истополовите бракови, каков што имате склучено и Вие. Како една мала земја како Македонија и едно прилично затворено општество да ги отфрли стигмите по прашањата што ѝ се важни на геј-заедницата? Како да почнеме повеќе да се прифаќаме и почитуваме меѓусебно, без разлика на различните ориентации и определби?
- Мене ми изгледа дека премногу им обрнуваме внимание на тие разлики. Меѓу сите нас (геј, стрејт...) постојат многу повеќе сличности отколку разлики. Во македонското секојдневие, а и во медиумите, тоа не се гледа. На пример, со сопругот сме заедно 14 години и во поголемиот дел функционираме како секој најобичен брак. Делиме стан, фамилија, друштво, тековни сметки, а и финансиски проблеми, хаха. Кога заглави тој во болница, јас го гледав. Кога заглавив јас, тој мене. Повеќето луѓе кај нас имаат создадено мислење за тоа како живеат хомосексуалците, а немаат сретнато ниеден. Лесно е да се мрази и омаловажува „различното“, невидливото и непознатото. Сепак, не верувам во тоа дека со зборови некој некому може да му смени мислење. Јас лично гледам да живеам свој живот, да избегнувам лоши луѓе, а добрите да ги ценам, без да ги делам на хомо или хетеро, мажи или жени, бели или црни, МЗТ или „Работнички“.