X
 19.08.2018 Живот

Професор од МИТ објаснува што треба да правите половина час секој ден за да бидете среќни

Алан Лајтман е писател, есеист, физичар и професор. Моментално предава два предмета на познатиот Технолошки институт во Масачусетс, попознат како МИТ. Тој е меѓу ретките луѓе кои ја комбинираат науката и хуманистиката, а неговата книга „Ајнштајнови соништа“ беше меѓународен бестселер и е преведена на 30 јазици.

Алан објаснува што треба да правите половина час секој ден за да бидете среќни.

„Уште од 1970 година луѓето уништиле повеќе од 30 отсто од шумите и морскиот екосистем, покажуваат извештаите на фондот „Ворд Вајд“. Се уништуваме и самите себе преку вмрежениот свет и тоа е понов, поделикатен феномен. Губењето на бавноста, времето за размислување и контемплација, приватност и самотија, тишина, можност да седиме мирно на стол 15 минути без надворешни стимулации - сето тоа се случи брзо и речиси невидливо. Пред сто и педесет години не постоеше телефон. Пред 50 години не постоеше интернет. Пред 25 години не постоеше „Гугл“.

Правиме глобална машинерија во која секој од нас е бесмислен, рефлексивен забец, неуморно воден од брзината, бучавата и вештачката итност на вмрежаниот свет.

Што можеме да направиме? Некако мораме да создадеме нова навика на умот и како поединци и како општество. Ни треба став кој ја цени и ја штити тишината, приватноста, самотијата, успореноста, личната рефлексија...кој го цени внатрешниот свет на човекот, кој му овозможува на секој од нас да лута без распоред во умот.

Во последните неколку години бројни организации воведоа периоди на тишина и медитација во основните и средните училишта.

За да развиеме нови навики во нашите глави, различни групи треба да користат различни методи. Имам неколку препораки кои би требало да се согледаат како појдовни точки, а не како сеопфатни решенија:

  • За учениците да се воведе 10-минутен период на тишина во текот на училишниот ден. Учениците можат во тишина да ги запишуваат своите мисли. Различни училишта имаат различна култура и секое училиште ќе знае како на најдобар начин да ги вметне овие паузи за тишина. За студентите треба да се организираат интроспективни интензивни курсеви. Секој студент би морал секој семестар да оди на еден таков курс. Овие курсеви не би подразбирале читање и задачи, туку би ги поттикнувале студентите во слободното време да размислат за тоа што учат и да го поврзат тоа со своите животи и цели. На работа треба да се направи „тивка соба“, каде вработените би можеле да одат и да се охрабрат половина час секој ден да минат медитирајќи, размислувајќи или само да седат во тишина и мир. Паметните телефони и компјутери не треба да се дозволени во тивките соби. Оваа пауза не би била дел од регуларната пауза за ручек. Фамилиите треба еден час дневно, навечер, да минат без телефони, компјутери и сите други паметни уреди. Тоа може да биде во текот на вечерата, кога се разговара во мир.
  • Поединецот би требало да размисли како го минува секој ден и да се обиде да оддели половина час само за себе, без никакви уреди, за шетање, читање или мирување во тишина. 
  • Општеството треба да направи зони без екрани и без никаков сигнал каде луѓето ќе можат да одат и да се опуштат. “
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот