X
 19.09.2021 Живот

Зошто некои луѓе се поспани откако ќе се напијат кафе?

Пиеме кафе за да останеме будни, но многу луѓе велат дека нивното попладневно еспресо го прави спротивното. Доколку сте едно од овие лица, има медицинско објаснување за тоа.

Луѓето се уморуваат во текот на денот бидејќи хемиската состојка наречена аденозин се зголемува и поминува низ рецептори кои ги прават нервните клетки помалку активни и доаѓа до ширење на крвните садови. Накратко, вашето тело добива порака дека е време за одмор.


Фото: Pixabay

Меѓутоа, кофеинот наликува на аденозин и го спречува поминувањето на оваа состојка. На овој начин кофеинот може да ве држи будни одреден период, но не може да го блокира аденозинот долг период.

- Само затоа што вашиот мозок не го преработува аденозинот, тоа не значи дека престанува да го создава - објаснува медицинската сестра Мишел Вурли.

Кога ефектот на кофеинот ќе исчезне, останува поголемо количество на аденозин што може да направи да се чувствувате уште поуморни, според Вурли. Оваа реакција е слична на онаа кога добивате енергија откако јадете нешто благо, а набрзо ви треба уште слатка храна.


Фото: Pixabay

Шеќерот може и да игра улога во чувството на умор по пиењето кафе доколку пиете кафе со шеќер. Постои и можност дека дехидрирањето од кофеинот прави да се чувствувате уморни, иако според некои истражувања, кофеинот не дехидрира толку колку што се мислело досега.

Конечно, можеби имате висока толеранција на кофеин, па затоа една шолја кафе не ве буди толку како порано. За жал, најдобро решение за ова е да пиете помалку кафе.

Извор: Mental Floss
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот