Кафето ни помага подобро да работиме во текот на денот, а некогаш и ноќта. Но, што се случува во вашето тело кога пиете кафе?
Кофеинот е енергетски фитонутриент кој ги блокира рецепторите на аденосин, хемиска состојка која го поттикнува спиењето, објаснува Џулија Коган, психолог и тренер за спиење и елиминирање на стрес, за „Мајнд боди грин“. Затоа, кофеинот влијае врз начинот на кој нашиот систем ја регулира поспаноста и може да влијае врз здравиот сон.
Меѓутоа, кофеинот останува во вашиот систем подолго отколку што мослите. На телото му е потребно околу 5 часа да го процесира кофеинот, но овој период може да се движи од 1 до 9 часа, објаснува Мередит Бродерик, невролог и специјалист за спиење.
Фото: Pixabay
Поголемиот дел од кофеинот целосно се апсорбира 45 минути откако ќе се внесе, но тој не излегува од телото толку бргу, туку може да му бидат потребни и до 10 часа за тоа. Освен тоа, сите не го процесираат кофеинот на ист начин, а улога играат и возраста, полот, гените и други здравствени фактори.
За оние кои подолго го чувствуваат ефектот на кофеинот, некои експерти препорачуваат микродозирање, односно консумирање помало количество на кофеин повеќепати.
Фото: Pixabay
Експертите посочуваат и дека кофеинот може да влијае врз биолошкиот ритам на телото кога се внесува пред спиење. Освен тоа, пиењето кафе пред спиење може да го намали квалитетот на сонот. Се препорачува да не се пие кафе барем 6 часа пред спиењето.
Како побргу да го исфрлите кофеинот од телото?
Едно истражување покажало дека вежбањето може да го намали времето на задржување на кофеинот во телото. Некои анализи покажале и дека јадењето брокула и сличен зеленчук може да помогне во преработката на кофеинот.
Коган додава дека иако нема многу начини за забрзување на исфрлањето на кофеинот од телото, има начини на кои може да се намалат можните негативни ефекти од него. Еден начин е пиењето повеќе вода, како и јадење балансирана храна со намирници богати со влакна пред пиењето кафе.
Извор:
Mind body green
Насловна фотографија: Pixabay